Македонија обезбеди 500 милиони евра за ликвидност на државната каса и за поддршка на општините и на компаниите. Парите се заем што го зеде нашата земја од Унгарската експорт-импорт банка, за што потпис денеска, во Будимпешта, стави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска. – Одлуката на Владата да го обезбедиме планираното надворешно задолжување со буџетот за 2024 година преку билатерален заем од Унгарија, наместо со издавање нова еврообврзница, произлезе како резултат на поволните услови што ги добивме и заштедата што ја правиме само по основ на каматата – истакна министерката.

Најновите проекции на Виенскиот институт за меѓународни студии за земјава се дека долгот на земјава со унгарскиот кредит ќе се зголеми на 68 проценти, во следните години ќе порасне над 70 отсто, а растот ќе биде помал од тоа што го очекува Владата. Наспроти тоа, министерот за труд и економија, Бесар Дурмиши, смета дека парите од унгарскиот кредит ќе придонесат за развој на економијата во земјава

 

Македонија обезбеди 500 милиони евра за ликвидност на државната каса и за поддршка на општините и на домашните компании. Парите се заем што го зеде нашата земја од Унгарската експорт-импорт банка, за што потпис денеска, во Будимпешта, стави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

– Со потпишаниот договор, обезбедуваме 500 милиони евра за буџетска поддршка, за поддршка на локалниот развој преку проекти во општините, како и за поддршка на економијата. Тоа беше повеќе од потребно за нашата економија, која во првиот квартал имаше многу слаба економска активност и бараше мерки што ќе направат раздвижување и забрзување на економската активност. Исто така, и реализацијата на проектите во општините претставуваа неопходност, затоа што и тие ќе имаат позитивно влијание врз економската активност, а дополнително, со нив ќе решиме и горливи проблеми на граѓаните – рече Димитриеска-Кочоска по потпишувањето на договорот.

Заемот, како што истакна, се обезбедува по поволни услови, со рок на отплата од 15 години, со вклучен грејс-период од 3 години и каматна стапка од 3,25 %.

– Одлуката на Владата да го обезбедиме планираното надворешно задолжување со буџетот за 2024 година преку билатерален заем од Унгарија, наместо со издавање нова еврообврзница, произлезе како резултат на поволните услови што ги добивме и заштедата што ја правиме само по основ на каматата. Каматните стапки по кои би ја добиле оваа сума на меѓународниот пазар е околу 6 % и тоа е голема заштеда за буџетот по овој основ, односно заштеда на годишно ниво од околу 14 милиони евра. Дополнително, и рочноста дава предност и помал ризик од потреба за рефинансирање – рече Димитриеска-Кочоска.

Според неа, ваквите услови се резултат и на политиките што ги води Владата, а за што минатата недела добивме потврда и од кредитната агенција „Фич“, која има значајна улога за каматните стапки што ги добива земјата при задолжување на финансиските пазари.

– Делот од заемот што ќе оди кон компаниите ќе биде пласиран, исто така, по поволни услови, што ќе влијае на започнување на еден инвестициски циклус во приватниот сектор од над 500 милиони евра, со кој ќе се обезбедат повисоки стапки на економски раст. До крајот на неделава, средствата треба да бидат префрлени на сметките во земјата и потоа да почнат да се реализираат согласно со планираното – потенцира министерката за финансии.

Најновите проекции на Виенскиот институт за меѓународни студии за земјава се дека долгот на земјава со унгарскиот кредит ќе се зголеми на 68 проценти, во следните години ќе порасне над 70 отсто, а растот ќе биде помал од тоа што го очекува Владата. Наспроти тоа, министерот за труд и економија, Бесар Дурмиши, смета дека парите од унгарскиот кредит ќе придонесат за развој на економијата во земјава.

– На првиот повик на Министерството за локална самоуправа за грантот од 100 милиони евра, аплицираа над 80 општини со над 350 проекти. Со следниот чекор, ќе се поддржуваат домашните компании со грант од 250 милиони евра. Затоа мислам дека овој кредит ќе донесе развој на економијата. Доколку нема економски развој, ќе ни се случи тоа што ни се случува во изминативе 20 години – вели Дурмиши.

Унгарскиот кредит го договорија премиерот Христијан Мицкоски и унгарскиот премиер, Виктор Орбан, во текот на учеството на самитот на НАТО во Вашингтон, а Законот беше изгласан во Собранието на 17 септември годинава. Со Законот за заемот од Унгарската експорт-импорт банка, земјава ќе треба да плати провизија за правни услуги во висина од околу 70 илјади евра.

Уште од почетните најави за земање на заемот од Унгарија, од опозицискиот СДСМ реагираа дека поголема ќе биде политичката цена што можеме да ја платиме како држава, поради заложништво и евентуално мешање на Унгарија во внатрешните работи, отколку придобивката од кредитот. Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, вели дека извозната банка на Унгарија пред само неколку месеци добила кредит за себе од Кина, од милијарда евра и оттука се сомневањата дека може да има политичко влијание не само до Унгарија туку и од Кина.

– Не е вистина дека ова се најдобрите пари за финансирање на стопанството – рече Битиќи, потсетувајќи дека Владата, со ребалансот, ја скратила финансиската поддршка за компаниите, кои инвестирале претходната година, а сега ги упатува да земаат кредит. Како ќе им кажете на 915 компании што минатата година направиле инвестиции, а чекале државата да им врати пари по основ на предвидливоста, ја промашивме годината, ќе ви дадеме помалку, а вие одете земете кредит – нагласи Битиќи.

Во врска со средствата од унгарскиот кредит наменети за општините, Битиќи рече дека има многу нејаснотии и додаде дека се слушаат многу невистини.

–  Слушаме 136 евра по граѓанин, што звучи убаво, но не е вистина. Објавениот повик е 100 милиони евра, што е помалку, 70 евра по глава на жител. Е сега, јавниот повик е за 100 милиони евра, а во ребалансот, во таа ставка има само 75 милиони евра. Дополнително се вели дека заемот е земен за 250 милиони евра. Се даваат 100 за општините, значи остануваат 150 милиони. Владата вели, нови 250 милиони ќе има следната година. Нејасно е сега, од овие 150 или ново задолжување? Бидејќи овие пари што ќе се искористат сега влегуваат во сегашниот буџетски дефицит. Нема да ги има за следната година. Прашањето е дали ќе има нови 500 милиони евра од Унгарија – праша Битиќи.

Според премиерот Христијан Мицкоски, парите од заемот не се кинески како што тврди опозицијата, туку се средства земени од земја членка на Европската Унија. И унгарскиот премиер, Виктор Орбан, кој на 27 септември беше во Охрид, каде што се одржа седница на двете влади, изјави дека парите не се од Кина.

– Намерата на Владата е парите наменети за македонското стопанство да бидат пласирани преку домашните банки под истите услови под кои е земен заемот, а доколку не се случи тоа, тогаш ќе се бараат други начини за да му се стават на располагање овие средства на бизнис-секторот. Дел од заемот е наменет за развој на општините, односно за реализација на проекти од интерес на граѓаните – изјави неодамна Мицкоски.

Тој вчера најави дека предлог-буџетот за следната година би требало да се најде на владина седница на 16 октомври. Во него ќе се внимава да не се зголеми буџетскиот дефицит, а економска активност, меѓу другото, се очекува со унгарскиот заем и со почетокот на работата на „Фени“.

(С.Бл.)