Мицкоски: Досега, од неколку случаи сум разочаран, од судството и од Обвинителството

Нема предлог до Владата за судски реформи од страна на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители

115

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека, во неколку случаи, е разочаран од дејствувањето на Обвинителството и на судството, а шансата да покажат дека работат според закон и Устав – им се троши.

Во интервју за јавниот сервис, премиерот рече дека одредени судии и обвинители работат калкулантски, односно постапувале по навигација од центрите од каде што биле предложени за функцијата.

– Еве еден пример кој не го знае јавноста, за кој беше констатирана злоупотреба и штета на државниот буџет, во случајот општински буџет, за околу 70-80 милиони денари. Од судијата му беше одредена мерка на претпазливост (се мисли на обвинетиот), да се јавува еднаш неделно во судот.

И сега ќе влеземе во еден процес што ќе трае, можеби, со децении, приближно така изгледа таа работа – изјави Мицкоски и додаде дека неговите наводи не треба да се сфатат како притисок врз работата на судиите и на обвинителите.

Ја повтори изјавата дека на мнозинството со кое располага во Парламентот не му е тешко да ги смени челниците во судско-обвинителските институции, кои се поставени на предлог од претходниот состав на законодавниот дом, но дека со тоа нема да биде ништо поразличен од своите претходници.

– Затоа ние велиме, имаме јавен обвинител што го избрало претходното мнозинство. Да, имаме 80-мина пратеници, но велиме, еве, овој обвинител од претходното раководство од СДСМ и ДУИ нека обвинува согласно со закон, онака како што треба. Ние не го менуваме, иако можеме утре да го смениме, и него, и Судскиот совет, и Советот на јавни обвинители. Но, ние даваме шанса, да не биде дека партизираме ние. Но, таа шанса нема да биде до недоглед. Таа шанса се ситни, се троши. И кога ќе видиме дека не го направил, тогаш логично е да предложиме наши луѓе за кои веруваме дека ќе го испорачаат тоа што го очекуваме и ние и граѓаните, а тоа е битка против криминалот и корупцијата – изјави Мицкоски.

Премиерот останува на ставот дека треба да се распуштат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. До Владата сè уште нема пристигнато предлог-реформи од страна на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители за начинот на избор на овие две независни тела, велат од „Илинденска“.

Неодамна, во интервју за весникот ВЕЧЕР, министерот за правда, Игор Филков, ја нагласи потребата од коренити реформи во судско-обвинителскиот совет и во Академијата за судии и јавни обвинители, кои, според него, наместо со правда, досега во јавноста се истакнале со коруптивни скандали и со партиско влијание. Изборот на членови во овие тела мора да претрпи промена, истакна Филков.

– Ние го гледаме Судскиот совет како комплетно независно тело, кое се раководи во одлуките токму од индивидуалната дисциплинска одговорност на членовите на Советот. Ние апелираме на нивната професионалност и посветеност на законските парадигми и токму во таа насока е и оваа реформа. Затоа иницираме постигнување независност, која ќе произлезе токму од самите судии и обвинители, тие да ги изберат членовите и да ги понесат моралната, професионалната и правната одговорност во тој избор. Во Судскиот совет не треба да влијаат предлозите од Владата, од Парламентот, од претседателот. Ние даваме простор, сега Судскиот совет со самостојни одлуки, прво за својот состав, да ја потврди својата независност. Дадовме и време, но од нивна страна сè уште нема никаков одговор, предлог или одлука – изјави министерот за правда.

На ставот за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители се спротивстави меѓународната заедница, инсистира реформите во правосудниот систем да се спроведуваат врз основа на препораките на Оценската мисија на ЕУ за работата на Судскиот совет.