Телеграм врие од пирамидални шеми, во полиција нема пријава за случајот КОНТИ

    Имаат ли институциите за заштита од понзи измамите?

    47

    Пријава од оштетени граѓани од пирамидалната интернет шема Конти до Основното јавно обвинителство и до Полицијата до сега нема, чекаме пријава за да отвориме предистражна постапка, велат надлежните органи за весникот ВЕЧЕР. И додека на интернет никнуваат нови платформи за лесна заработка и нудат примамливи пакети од крипто валута за гледање најави за филмови во продукција на ХБО, Нетфликс и холивудските филмски студија, тие што извисија илјадници граѓано од внатрешноста на земјава преку нивните така наречени менаџери повикуваат на трпение и дека се работи на проблемот за исплата на парите од дигиталните сметки.

    На социјалната мрежа ,,Твитер,, се коментира дека полицијата била информирана и во минатото за постоење на т.н крипто скамови, односно Понзи шеми кои оперираат со години на интернет и го менуваат хостингот по неколку пати. Станува збор за платформи кои исплаќаат во крипто кои преку други платформи пак се претвораат во долари. Со оглед на тоа дека нема закон со кој се регулира криптото нема надеж и за евентуален исход од истрага, велат дел од оштетените кои ги контактираше весникот ВЕЧЕР.

    Министерот за внатрешни Панче Тошковски, апелираше до граѓаните да внимаваат при инвестирањето во потенцијални пирамидални шеми, каква што е апликацијата „Конти“.

    ,,Многу слична апликација за измама на граѓани била констатирана и во 2022 година. „И тогаш е упатен апел граѓаните особено да внимаваат кога станува збор за вакви потенцијални инвестиции кои најчесто завршуваат како класични измами. И сега апелирам, граѓаните особено да внимаваат на вакви инвестициски вложувања, да се консултираат со експерти од областа“, изјави Тошковски кој пак е родум од Велес градот во кој ВЕЧЕР објави дека од шемата биле заслепени и млади и стари.

    Вчера политичката партија Левица обвини дека државата не нуди никаква заштита од вакви интернет измами. ,,Конти” е повик за будење на нашето општество – внимателно да го погледне финансискиот систем и да бара промени! Бараме Владата и финансиската полиција да преземат итни мерки за: да се истражат и гонат одговорните за измамата ,,Конти” и да се погрижат да одговараат за своите постапки, да се ​​зајакнат позитивните законски регулативи за да се спречат слични измами да се случуваат во иднина, да се промовираат програми за финансиско образование и да се поттикнат обичните луѓе да донесуваат правилни информирани одлуки за нивните финансиски средства, се вели во соопштението на партијата.

    ВЕЧЕР веќе објави дека по ,,Конти,, на интернет никнуваат нови Понзи шеми, Етернал се обидува да ги примами граѓаните со помали пакети но сигурна исплата. Целата мрежа е ,,исплетена,, на Телеграм каде има група од повеќе од 14 илјади граѓани. Групата се формирала на почетокот на годината а пирамидата толку се раширила што се отворале канцеларии во градовите.Така наречените менаџери кои веќе правеле големи заработки во крипто, барале процент да се тргува од нивниот профил. (П.А.)