EPA-EFE/Jim WATSON / POOL

Двократниот светски шампион во Формула 1, Фернандо Алонсо, потпиша нов договор на почетокот од оваа година, што го поврзува со Астон Мартин најмалку до 2026 година. Вклучувајќи го и договорот за „амбасадор“, тој ќе биде „врзан“ со производителот многу повеќе од своите денови во Ф1.

Пред да се повлече од спортот, Шпанецот на 43-годишна возраст сè уште цели кон третата светска титула. Неговиот тим ги засили своите технички редови во последниве месеци со потписите на легендарниот дизајнер на Ред бул, Адријан Њуи; техничкиот директор на Ферари, Енрико Кардиле и поранешниот шеф на Мерцедес за погонски единици, Енди Кауел. Навистина, тоа е тим што, секако, може да приспособи шампионски болид.

Во секој случај, нема многу време. Особено кога ќе се земат предвид шпекулациите кои велат дека Макс Верстапен би можел да дојде во неговиот тим во 2026 година, но сигурно не на местото на Ленс Строл, чиј татко е сопственик на тимот.

Ова го знае и Фернандо, па веќе го „подготвува“ теренот, донесувајќи одлука во кој спорт ќе се натпреварува по Формула 1.

  • Се обидов три пати на Инди 500 и не успеав. Тоа е единственото што ми недостига (од тројната круна). Но, во моментов тоа не е во мојот план. Јас сум многу, многу фокусиран на Формула 1. Во следните две или три години сакам да ја освојам третата светска титула. Тоа е мојот единствен приоритет во моментов – истакна Алонсо.

Потоа продолжи да зборува за животот по Ф1.

  • По тоа, ќе имам 45-46 години и мислам дека посветеноста потребна за да одам на Инди 500, учењето низ кое би требало повторно да поминам… ќе бидат премногу. Или така мислам дека сега, не можам да кажам 100 % – додаде Алонсо.

Наместо да се врати на натпреварувањето во Индијанаполис, двократниот светски шампион рече дека е поверојатно да се обиде уште еднаш да победи на релито Дакар, што, според него, ќе биде повеќе доказ за неговата сестраност како возач.

Во текот на паузата во Ф1, Алонсо се натпреваруваше и заврши на 13. место на релито Дакар 2020 година, со Тојота, заедно со петкратниот шампион во мотоцикли, Марко Кома, со несреќа на етапата 10 што ги чинеше часови.

  • Мислам дека мојот следен, најголем предизвик ќе биде Дакар. Ако можам да го освојам Дакар, тоа би било огромно лично достигнување за мене, бидејќи би можел да победам во Формула 1, на трките за издржливост, во Ле Ман и Дејтона, а ако можам да победам на релито, тоа би значело многу за мене како возач. Не можете да возите болид на Формула 1 на ист начин како болид на Ле Ман, кој треба да го возите 24 часа за да победите или релито Дакар, каде што треба да поминете низ дини и карпести терени во Саудиска Арабија. Затоа морав да научам и да започнам одново во многу од тие категории, да се опкружам со најдобрите возачи во светот специфични за таа серија, да учам од нив и да бидам понизен. Не беше проблем да прифатам дека немам идеја како да возам рели-автомобил, но секој ден се подобрував и учев од нив додека не успеав да се натпреварувам на најтешкото рели во светот – заклучи Фернандо.