По една деценија во заробеништво: Спасена жена киднапирана од Исламска држава

125

Припадничка на малцинската етничка група езиди, киднапирана во Ирак од страна на групата Исламска држава на 11-годишна возраст, а потоа однесена во Газа е спасена по повеќе од една деценија во заробеништво таму, објавија израелски, американски и ирачки власти, пишува Би-би-си.

Езидите се религиозно малцинство кое главно живее во Ирак и Сирија, пишува овој медиум.

Групата Исламска држава ја зазема езидската заедница во Синџар во северен Ирак во 2014 година, масакрирајќи илјадници мажи и поробувајќи девојчиња и жени.

Жената е идентификувана како Фавзија Сидо и сега е обединета со своето семејство во северен Ирак. Ирачките власти со месеци биле во контакт со неа и потоа ги информирале американските власти, кои го организирале нејзиното излегување од Газа со помош на Израел, кажа извор запознат со случајот. Ирак и Израел немаат дипломатски односи.

„Се координиравме со американската амбасада во Ерусалим и со други меѓународни чинители за да ја ослободиме Сидо“, објави израелската војска, додавајќи дека таа избегала во скривалиште надвор од Појасот Газа откако нејзиниот грабнувач загинал во сегашната војна меѓу Израел и палестинската вооружена група Хамас.