Иран и Израел: Од некогашни сојузници до најголеми непријатели

67

Непријателството меѓу Иран и Израел опасно ескалира, по иранскиот ракетен напад на територијата на Израел, тамошната влада најави жестока одмазда, но овие две земји не беа секогаш противници, оценува германски Дојче веле во анализата за односите меѓу две земји.

Германскиот сервис потсетува дека пред исламската револуција во 1979 година овие земји биле тесно поврзани, а Иран е меѓу првите земји што ја признала државата Израел во 1948 година.

Во рамките на конфликтот на Блискиот Исток, Израел го сметаше Иран за сојузник против арапските држави, додека Израел, кој имаше поддршка од Вашингтон, беше за Техеран корисна политичка противтежа на неговите арапски соседи.

По победата на Исламската револуција во 1979 година, Иран ги откажа сите договори со Израел, а ајатолахот Хомеини остро го критикуваше Израел за неговата окупација на палестинските територии и разви реторика насочена против Израел со цел да ја добие поддршката од арапските држави и населението во тие земји, зајакнувајќи го влијанието на Иран.

Актуелниот ирански верски водач, ајатолахот Али Хамнеи, ја продолжи оваа политика, редовно доведувајќи ги во прашање историските факти за холокаустот, додека Иран го поддржува Хезболах во Либан, Хамас во Газа, како и други групи низ регионот, вклучително и Хутите во Јемен.

Дојче веле оценува дека Израел, од друга страна, не направил многу за намалување на тензиите. Премиерот Бенјамин Нетанјаху постојано ја споредуваше Исламската Република со нацистичка Германија и остро го критикуваше нуклеарниот договор од 2015 година.

Иако во двете земји има поединци кои се залагаат за помирување, политичките односи се позатегнати од кога било досега, особено по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и израелската воена операција во Појасот Газа. Според ОН, повеќе од 41.000 Палестинци, главно жени и деца, биле убиени во војната во Појасот Газа, а ракетните напади на Хезболах и израелското бомбардирање на јужен Либан принудиле стотици илјади луѓе да побегнат во Либан и Израел.

Во вторникот вечерта, Иран директно го нападна Израел со проектили – по втор пат од лансирањето на стотици беспилотни летала и ракети во април. Според израелските безбедносни сили (ИДФ) и овојпат биле пресретнати „голем број“ ирански ракети, додека заканата од Иран „моментално“ е неутрализирана, но се најавува дека ќе следи жесток израелски одговор.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен го нарече ракетниот напад на Иран врз Израел „целосно неприфатлив“ и додаде дека Соединетите Американски Држави уште еднаш ја докажале својата „посветеност на одбраната на Израел“. Според британскиот министер за одбрана Џон Хејли, во одбраната на Израел учествувала и британската армија. Нападот од Иран и правото на Израел да се брани беа истакнати од членките на ЕУ како Германија и Франција, додека германскиот канцелар Олаф Шолц го осуди нападот на Иран „најостро“.

Од друга страна, беше објавено дека веднаш по ракетниот напад на неговата земја врз Израел, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи телефонски разговарал со европските колеги, меѓу другото и со германската министерка за надворешни работи Анале Бербок, како и со колегите во Велика Британија, Франција и други. земји, пренесе иранската новинска агенција Ирна.

Арагчи рече дека ракетната операција сега е завршена и дека доколку Израел возврати, одговорот на Иран ќе биде „уште поостар“.

„Техеран не сака ескалација, но не се плаши од војна“, рече Арагчи.