Петрова: Има поголема наплата на даноците во споредба со 2023 година

18

Во месец септември годинава, како и кумулативно во периодот е остварен планот за наплата и има поголема наплата на даноците во споредба со наплатата во 2023 година, изјави директорката на УЈП, Елена Петрова, на средба со претставниците на мисијата на ММФ во земјата, предводена од шефот на мисијата Анет Кјобе.

Во фокусот на разговорите била наплатата на приходите во првите три квартали од годинава, очекувањата до крајот на 2024 година и проекција на приходите за идната година. Освен тоа, се разговарало и за реформите кои се спроведуваат во рамки на УЈП, за активностите за справување со неформалната економија, како и процесот на дигитализација, со цел зголемување на приходите преку поголема наплата на даноците.

Директорката Петрова ги запознала членовите на мисијата со преземените мерки и активности за проактивно управување со даночната дисциплина за даночните обврски кои доспеваат во овој период, како и дека ќе продолжи засилениот фокус до крајот на годината за наплата на приходите преку превентивни мерки и мерки за брзо интервенирање во законските рокови за плаќање на обврските.

Воедно, таа истакнала дека УЈП работи на целосна имплементација на концептот управување со ризиците на даночна усогласеност, за што во претходните три месеци УЈП организираше и до крајот на годината ќе продолжи со таргетирани кампањи за стопански дејности кои се актуелни за сезоната.

Реформите треба да обезбедат мобилизација на даночните приходи преку проширување на даночната база со зафаќање во нефромалната економија, но и во формалниот сектор преку детектирање и справување со избегнувањето плаќање даноци, погрешно толкување и примена на даночната регулатива и други форми на даночна неусогласеност.

Исто така, се очекува подобра наплата на даноците и како резултат на мерките за зголемена даночна свест и даночен морал кај даночните обврзници, а воедно и како резултат на автоматизација на процесите и поефикасно работење на УЈП, користење на современи аналитички алатки и сл.