Струмица да стане дел од европската маршрута на историски бањски градови (EHHTA)

18

Директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Билјана Стефаноска, истакна дека приклучување на Струмица во мрежата на градови European route of historical thermal towns – EHTTA и во слични вакви европски мрежи, како дел од културните маршрути на Советот на Европа, но и на различни субјекти што се дел од културата и од туризмот, е важно за зголемување на видливоста и за промоција на потенцијалите што ги има нашата држава како не толку откриена туристичка дестинација, а сè во насока на туристичко брендирање на државата и на регионите

 

Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот се вклучи во процесот на пристапување преку поддршка и учество нa состаноци со претставниците на Советот на Европа и раководството на мрежата на EHHTA. Од Агенцијата се надеваат на позитивна одлука Струмица да се приклучи во мрежата на градови со културно-историско термално наследство, кое се користи во континуитет со векови.

Директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Билјана Стефаноска, истакна дека приклучување на Струмица во мрежата на градови European route of historical thermal towns EHTTA и во слични вакви европски мрежи, како дел од културните маршрути на Советот на Европа, но и на различни субјекти што се дел од културата и од туризмот, е важно за зголемување на видливоста и за промоција на потенцијалите што ги има нашата држава како не толку откриена туристичка дестинација, а сè во насока на туристичко брендирање на државата и на регионите.

– Земјата треба да се етаблира како бренд-дестинација, и ќе мора да се инвестира во тоа и интензивно да се работи – подвлече Стефаноска.

Таа додаде дека е важно да се разговара за промоција на бањскиот туризам во туристичката понуда на Република Македонија и за промоција на културно-историските и природните знаменитости на Струмица и на регионот, особено што бањскиот и велнес-туризмот се сè поатрактивни за туристите.

Теодорос Константакос, генерален директор на хотелот „Цар Цамуил“, се заблагодари за можноста тие да бидат дел проектот и да станат дел од европската маршрута на историски бањски градови.

– Ние имаме цел – со инвестиција да му додадеме вредност на секој сектор – прво на околината и второ, на гостите и на клиентите што ќе го посетат нашиот објект. Сакаме да го зголемиме капацитетот не само за пари туку ќе им враќаме на нашите гости со здравство, очекувања, да бидеме на највисоко ниво, не само за нас туку и за целата државата, и да бидеме пример за другите – рече Константакос.

Во одговор на новинарско прашање за потенцијалите на спа-туризмот и дали има државата стратегија за развој на овој вид туризам, директорката Стефаноска рече дека во моментот е најпотребна национална стратегија за туризам, бидејќи последната стратегија е подготвена во 2008 година.

– Прва работа што треба Министерството за култура и туризам, заедно со Владата и со Агенцијата, е да работи на национална стратегија и сите други стратегии на регионите треба да бидат во рамките на таа глобална слика. Како држава, имаме потенцијал и можеме да го видиме тоа во Струмица, како може, доколку се има љубов, волја, ентузијазам за работа, сè да се постигне и да се вмрежиме во најголемите асоцијации на европско ниво. Ќе биде еден голем чекор доколку се вмрежи Струмица во групата на EHHTA со историски термални градови – одговори директорката Стефаноска.

Според неа, за да се оствари целта – Струмица да стане дел од EHHTA, најважно е да се одржи континуитетот на римската терма и турската бања во Банско и доколку се докаже тој континуитет и се реставрираат тие бањи, ќе биде исполнет главниот предуслов хидротермалниот медицински центар „Цар Самуил – Бања Банско“ и Струмица да влезат во таа мрежа.