„Денови на медот“ во Куманово

54

Мед, матичен млеч, прополис, мевлеми и други пчелни производи им се нудат на кумановци на манифестацијата „Денови на медот“, која вчера беше отворена на градскиот плоштад.

Манифестацијата, која се одржува по 24. пат, ја организира Здружението „Пчела“. Годинава има бројни излагачи.

– Пчеларите ќе добијат средства наскоро, а од идната година, средства ќе бидатодвоени за оваа манифестација и за манифестациите што промовираат квалитетни македонски производи. Чест ми е што на покана од Здружението „Пчела“ од Куманово сум на оваа манифестација, која секогаш го привлекувала моето внимание, затоа што е добро организирана, имаме квалитетни производи, може да се промовира квалитетниот македонски мед од овој регион. Ваквите манифестации веќе од идната година ќе бидат сериозно поддржани од Министерството и од Владата, сѐ со цел и во другите делови од државата да имаме промоција на овој квалитетен бренд – истакна министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство, Цветан Трипуновски.

Тој додаде дека Министерството постојано работи на подобрување на условите на пчеларите и финансиски да ги поддржи.

– Паралелно, наша обврска и сме се обврзале да работиме во делот на контролата на она што значи неквалитетен мед, што, можеби, се продава ширум Република Македонија, сѐ со цел да го заштитиме ова домашно квалитетно производство – нагласи Трипуновски.

Министерот најави дека веќе се подготвени налозите, кои се пуштени до Министерството за финансии, за доплата на оние 200 денари кон сите пчелари во Република Македонија и веќе од наредните денови тие можат да ги очекуваат средствата на своите сметки.

Тој дополни дека доплатата е двесте денари субвенција по кошничка за производителите со над 50 кошници.

Претседателот на Здружението „Пчела“, Бобан Стошевски, рече дека крајна цел е да се заштити автохтониот кумановски мед.

– Наша цел ќе биде промоција и едукација на домашниот кумановски мед, заеднички ќе ги едуцираме членовите, сограѓаните да консумираат само домашен мед и ќе се бориме против нелојалната конкуренција – рече Стошевски.

Претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, најави поддршка за Здружението од Општината, истакнувајќи дека Општината има одлични производители.

„Пчела“ постојано работи во насока на промоција на пчеларството. Во моментов има над сто членови од различни генерации. Поискусните пчелари ги едуцираат помладите колеги и им нудат и менторски услуги. Производителите, генерално, се задоволни од потрошувачката и од поддршката на надлежното Министерство со субвенции, мерки за поддршка и модернизација на производството. „Денови на медот“ ќе траат три дена.