Tуристите воодушевени од богатата понуда, ориенталниот изглед и задржаната автентичност на дуќаните

544

Дека посетеноста во Старата скопска чаршија од странски, но и од домашни туристи, за разлика од периодот пред короната, е поголема потврдува и извршната директорка на Занаетчиската комора – Скопје, Анета Атанасовска. Но, додава дека, за жал, се намалува понудата на занаетите.

– Ние, како Занаетчиска комора, сметаме дека треба да се зголеми понудата на занаетчиски производи и услуги во Старата скопска чаршија, со цел да се промовира занаетчиството надвор од земјата. Голем број од дуќаните се претежно трговија и угостителство, а бројот на занаетчии, за жал, се намалува. На местото на дуќаните на занаетчиите што заминуваат во пензија се отвораат дуќани што вршат продажба – констатира Атанасовска.

Таа смета дека треба да се насочат младите луѓе кон занаетите

Попусто не рекле, Старата скопска чаршија – мелем за душата. Иако одреден период како да замре животот во неа, последниве години таа повторно заживува, добива нови содржини, но, за жал, старите занаети во неа изумираат. Младите не сакаат да ја продолжат традицијата, па дуќаните во кои се одвивале старите занаети стануваат трговски, а не занаетчиски. И покрај сè, странските, но и домашните туристи, при секоја посета во Чаршијата, заминуваат восхитени од ориенталниот изглед, од задржаната автентичност на дуќаните, но и од вкусот на традиционалните јадења.

Старите скопјани се сеќаваат, а верувам и повеќето добро ја паметат познатата песна „Старата скопска чаршија, мелем за душата“ отпеана од Драган Мијалковски. Велат дека тој точно ја погодил „позитивната терапија” и енергија што ја има Чаршијата за нас.

-Нашата (и стара и турска) Скопска чаршија во последниве години добива нови содржини, кои го збогатуваат „мозаикот” на понуди во угостителството. Покрај  домашните, стандардни бурекчилници, ќебапчилници, чајџилници, слаткарници и кафетерии, сега имаме и ресторани за појадок „ала турка“, во улицата десно од Чифте амамот. Појадокот наречен серпме, во кој ќе ви понудат сет од десетина солени и слатки јадења, нема да може, а не ви се допадне. Јас и сопругата појадувавме во Чаршијата и сме презадоволни . Исто така, многу вкусно е турското традиционално  јадење менемен – вели стар скопјанец.

Скопјанката Жаклина, пак, по подолго време, се прошетала со својата пријателка по калдрмените улици во Чаршијата, кои пленат со својата едноставност. Вели дека се изненадила од раздвиженоста и од големиот број посетители во неа и била восхитена од амбиентот и од уредувањето на дуќаните.

– Имаше не само странски туристи туку и локални жители. Беше изненадувачка и понудата. Видов дуќан каде што се цедеше природен сок од калинка, но и ексклузивна продавница за локум, но и продавница за кожена облека. Кога влегов во неа, продавачот ми кажа дека кожените јакни се многу купувани, пред сè од странските туристи и дека сето она што ќе го донесе, веднаш се продава. На почетокот на Старата скопска чаршија нè пресретна сувенирница, каде што се продаваа предмети карактеристични за Македонија – раскажува таа.

Она што ја изненадило е тоа што било чисто и оти се гледа дека дуќаните добро заработуваат.

Дека посетеноста во Старата скопска чаршија од странски, но и од домашни туристи, за разлика од периодот пред короната, е поголема потврдува и извршната директорка на Занаетчиската комора – Скопје, Анета Атанасовска.

Но, додава дека, за жал, се намалува понудата на занаетите.

– Ние, како Занаетчиска комора, сметаме дека треба да се зголеми понудата на занаетчиски производи и услуги во Старата скопска чаршија, со цел да се промовира занаетчиството надвор од земјата. Голем број од дуќаните се претежно трговија и угостителство, а бројот на занаетчии, за жал, се намалува. На местото на дуќаните на занаетчиите што заминуваат во пензија се отвораат дуќани што вршат продажба – констатира Атанасовска.

Таа смета дека треба да се насочат младите луѓе кон занаетите.

– Секаде каде што можеме, ние настојуваме да се спроведе тоа. Се надевам дека во наредниот период ќе се зголеми бројот на млади што ќе се занимаваат со традиционалните занаети како: филигранство, кроење, шиење, изработка на керамички производи… итн. – заклучи Атанасовска.

И новата Влада почна да презема мерки за поддршка на занаетчиството. Министерството за економија објави јавен повик за поддршка на занаетчиството. Притоа, со оваа мерка е предвидено да се субвенционираат занаетчиите и вршителите на занаетчиска дејност преку кофинансирање на 40 % од докажаните трошоци, но не повеќе од 200.000 денари за барател, направени зa набавка на нови машини или алати и за дизајн на нов производ.

За оваа мерка, согласно со Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на малите и на средните претпријатија, предвидени се средства во вкупен износ од 6.500.000 денари од буџетот на Министерството за економија и труд, а ќе бидат субвенционирани докажаните трошоци што занаетчиите ги направиле во 2023 и во 2024 година. На јавниот повик можеа да аплицираат активните регистрирани занаетчии и вршители на занаетчиска дејност, да не е отворена стечајна постапка за нив, да немаат долгови кон државата и кон вработените, да работеле најмалку една година пред објавување на јавниот повик и да немаат добиено финансиски средства по јавните повици на Министерството за економија во изминатите три години.

Занаетчиите и занаетчиските здруженија можеа да аплицираат најдоцна до 1 октомври 2024 година.

Претходно, пак, во рамките на проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), Општина Чаир аплицираше со потпроектот „Промоција на чаршиски туризам во Општина Чаир“, кој предвидуваше санација на калдрмата на еден дел од главната улица „Битпазарска“, како и конзервација, реставрација и санација на повеќе дуќани што го нарушуваат автентичниот лик на Старата чаршија, која со закон е прогласена како културно наследство од особено значење, во 2008 година. Една од главните активности на проектот беше и реновирање на 39 дуќани лоцирани во Старата чаршија. Општина Чаир предложи замена на старите излози со нови, кои би го вратиле автентичниот изглед на Чаршијата.

(А.П.)