„Фајненшл тајмс“: За Украина најлошото допрва доаѓа

100

Украина се соочува со најмрачните времиња од почетокот на конфликтот. Губи на бојното поле на истокот од земјата, а руските војници неуморно напредуваат, иако тоа е проследено со големи загуби во жива сила и опрема, пишува „Фајненшл тајмс“.

Украинците очајно се обидуваат да ги пополнат своите сили кои се намалуваат со мотивирани и добро обучени војници, но самоволието на воените центри за регрутирање за време на мобилизацијата поттикнува сериозни социјални тензии. Конечно, Украина ја чека сурова зима со прекини во снабдувањето со струја и парно, наведува медиумот.

„Целото општество е исцрпено“, вели Олександр Мережко, претседател на комисијата за надворешни работи на украинскиот парламент.

Во исто време, претседателот Володимир Зеленски е под зголемен притисок од западните партнери да најде начин за дипломатско решение, иако подготвеноста на Русија да преговара во блиска иднина е сомнителна. Дополнително, загрижува тоа што сега Украина е премногу слаба за да обезбеди фер-договор.

„Повеќето играчи сакаат деескалација“, вели еден висок функционер во Киев.

На позиција во близина на Покровск, опкружен со видеомонитори кои го покажуваат напредувањето на непријателот, командантот на баталјонот за медиумот вели дека неговата мисија почнала да се менува.

– Сега повеќе размислувам како да го спасам мојот народ. Тешко е дури и да се замисли дека ќе го вратиме непријателот до границите од 1991 година“, вели Михаил Темпер, мислејќи на официјалната цел на раководството за враќање на територијалниот интегритет на земјата.

До вчера, инспирирани од надежта за ослободување на својата земја, сега дури и војниците на фронтот почнаа да зборуваат за преговори со Русија за прекин на борбите, наведува медиумот.

Јуриј, командант од Источниот фронт се плаши од „вечна војна“.

„Сега сум за преговори“, додава тој.

Тој е загрижен дека неговиот син, кој исто така е војник, би можел значаен дел од својот живот да помине во рововите, додека неговиот внук ќе наследи само бескрајни конфликти.

„Ако САД го затворат вентилот, ќе бидеме готови“, вели друг офицер од 72. механизирана бригада од соседно Курахово.

Администрацијата на Бајден признава дека нејзината сегашна стратегија е неодржлива бидејќи „ја губиме војната“, вели Џереми Шапиро, шеф на канцеларијата во Вашингтон на Европскиот совет за надворешни односи.

Тој додава дека на големо се размислува како да го претворат конфликтот во помирна држава.

Главната закана за Киев е можноста Доналд Трамп да победи на претседателските избори во САД следниот месец и да се обиде да наметне неповолен мировен договор за Украина со закана дека ќе ја прекине натамошната воена и финансиска помош. Трамп минатата недела ја повтори својата посветеност за завршување на борбите што е можно поскоро.

Најголемите поддржувачи на Украина во Европа би сакале да ја видат таа да возврати, но немаат залихи на оружје за да го сторат тоа, ниту пак план да ја пополнат празнината доколку САД заминат.