Бајден му рече „НЕ“ на Израел!

145
EPA-EFE/Minh Hoang / POOL

Претседателот на Соединетите Американски Држави Џозеф Бајден изјави дека нема да поддржи израелски напад врз локации поврзани со иранската нуклеарна програма како одговор на иранскиот ракетен напад врз Израел.

„Одговорот е не“, им рече Бајден на новинарите на прашањето дали ќе поддржи таква одмазда откако Иран во вторникот истрела речиси 200 балистички проектили врз Израел, според АП.

Американскиот претседател денеска разговараше со лидерите на Г7 (САД, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Велика Британија) за координација на новите санкции против Иран, а по тие телефонски разговори Белата куќа објави дека лидерите на Г7 „категорично го осудија иранскиот напад врз Израел“.

„Ќе разговараме со Израелците за тоа што ќе направат, но сите седуммина (земјите од Г7) се согласуваме дека имаат право да одговорат… но тие треба да одговорат пропорционално“, им рече Бајден на новинарите, пренесе Ројтерс.

Бајден рече дека ќе бидат воведени нови санкции кон Иран и додаде дека наскоро ќе разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Очигледно е дека Иран тргна далеку од курсот“, нагласи тој.

Иран вчера лансираше повеќе од 180 балистички ракети кон Израел, потег што Бајден претходно го опиша како „неефикасен“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека Иран ќе плати за нападот.