На фестивалот ќе се прикажат петнаесет долгометражни филмови во официјална конкуренција поместени во три категории, односно кадети (6 до 9 одделение), јуниори (I и II средно) и сениори (III и IV средно). Ќе можат да се проследат и 40-ина краткометражни и анимирани филмови

Повеќе од 450 учесници, од вечерва, ќе бидат дел од 12. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ во Скопје. На добро познатите локации, Младинскиот културен центар, Кинотеката на Македонија и киното „Милениум“, џифонци до 8 октомври ќе уживаат во филмската магија, ќе дискутираат, ќе креираат уметност, ќе учествуваат на креативни работилници. Фестивалот ќе биде отворен вечерва (3 октомври) во 19 часот во киното „Милениум“, со проекција на италијанскиот филм „Последниот пат кога бевме деца“ во режија на комичарот Клаудио Бизио. Влезот е бесплатен, а настанот е отворен за широка публика.

Годинава, освен од нашата земја, на фестивалот се очекуваат над 30 учесници од Италија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Романија и Ирска.

На фестивалот ќе се прикажат петнаесет долгометражни филмови во официјална конкуренција, поместени во три категории, односно кадети (6 до 9 одделение), јуниори (I и II средно) и сениори (III и IV средно). Ќе можат да се проследат и 40-ина краткометражни и анимирани филмови.

Од филмовите што ќе бидат прикажани во рамките на фестивалот, учесниците ќе можат да се запознаат и да учествуваат на дискусиите со режисерот Коста Ѓорѓевиќ, кој и со првиот филм учествуваше на фестивалот (Сонце мамино), ќе гостува режисерка од Ирска со свој краток филм, а меѓу џифонци ќе биде и македонскиот режисер Вардан Тозија, чиј филм „М“, ќе биде прикажан во официјалната програма на фестивалот.

– Инаку, работилниците се неизбежен дел од програмата и на 12. издание на фестивалот. Од осумте работилници што ги организираме на фестивалот, пет се во рамките на проектот Edu Cuts. Станува збор за мрежа што ги поврзува филмските фестивали и организации фокусирани на промоцијата и на имплементацијата на образованието и мобилноста на младите таленти. Мрежата е дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“, проект поддржан од Европската Унија, чија цел е да го зајакне дијалогот на Западен Балкан, поттикнувајќи ги културните и креативните сектори за зголемено социо-економско влијание, посочуваат организаторите на фестивалот.

Додаваат и дека секој ден во рамките на фестивалот, во терминот од 15:45 часот ќе се одржува Edu Cuts конференција на тема „Зајакнување на креативноста на младите“, на која ќе учествуваат млади успешни луѓе што ќе ги споделат своите искуства и визии. Ќе бидат споделени искуства и од петте работилници што се одржаа во рамките на фестивалите партнери на овој проект во Србија, Босна и Херцеговина, Косово во изминатите неколку месеци. Менторите на работилница се етаблирани режисери, уметници, музичари.

Фестивалот ќе биде затворен на 8 октомври во киното „Милениум“ кога ќе бидат прогласени победничките филмови во сите натпреварувачки категории, а ќе бидат доделени и наградите. Ќе бидат прикажани и творбите и сценските изведби подготвени од учесниците на креативните работилници.