На барање на неговите деца: Аргентинското правосудство одобри префрлање на телото на Марадона во идниот мавзолеј

156

Аргентинското правосудство одобри префрлање на посмртните останки на Диего Марадона, кој почина во 2020 година, во идниот мавзолеј, на барање на неговите деца.

Неговите деца сакаат да го олеснат оддавањето почит на „идолот на Аргентина“.

Одлуката доаѓа во пресрет на почетокот на судењето на медицинска сестра, член на медицинскиот тим на Марадона, во врска со причините за неговата смрт и евентуалното лекарско невнимание.

Главниот претрес се води против седум лекари – неврохирург, општ лекар, лекар на клиника, психијатар, клинички психолог и главната сестра на медицинскиот персонал. Тоа судење, по неколку одложувања, ќе започне во март 2025 година.

Медицинската сестра Жизела Мадрид, која уште од самиот почеток изјави дека само ги следи упатствата на лекарот, доби можност да ѝ се суди одделно.

Децата на Марадона сакаат посмртните останки на аргентинската фудбалска икона, која почива на приватни гробишта во Бела Виста, предградие на Буенос Аирес, да бидат преместени во централниот кварт и древно пристаниште Мадеро.

На тоа место ќе има мавзолеј „Меморијал М10“ за да може „аргентинскиот народ и граѓаните на светот да му оддадат почит на оној кој беше најголемиот идол на Аргентина“, изјавија децата на Марадона.

Тој објект треба да биде готов во 2025 година, а засега не се познати други детали.

Марадона почина на 60-годишна возраст од кардио-респираторни проблеми на 25 ноември 2020 година. Почина во болницата каде се опоравуваше по неврохируршка процедура поради хематом во главата.

Судството тогаш соопшти дека се работи за „убиство од небрежност“, што е квалификација за невнимание на лице кое не било свесно дека може да дојде до смрт. За вакво дело е предвидена казна затвор од осум до 25 години.