Пред судот во Москва беа изведени четворица руски новинари обвинети за соработка со организацијата на Навални

49
Фото: EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Четири новинари од Русија денеска беа изведени пред судот во Москва под обвинение дека соработувале со антикорупциска организација основана од починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, која Кремљ ја прогласи за екстремистичка во 2021 година.

Антонина Фаворскаја, Артјом Кригер, Сергеј Карелин и Константин Габов беа уапсени оваа година и обвинети за соработка со екстремистичка група, што во Русија е кривично дело за кое се казнува и до шест години затвор. Сите четворица ги отфрлија обвиненијата против нив.

Судењето се одвива зад затворени врати и е дел од трендот на безмилосно задушување од страна на Кремљ против секаков вид политичко несогласување од властите, кое достигна невидени размери од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Цел на Кремљ се опозициски личности, новинари од критички медиуми, активисти за човекови права и обични руски граѓани. Сите тие се обвинети за прекршоци или кривични дела, врз основа на кои илјадници луѓе завршија во затвор. Илјадници други ја напуштија земјата поради страв од кривично гонење.

Антикорупциската фондација, основана од Алексеј Навални, беше прогласена за екстремистичка од Кремљ и забранета во 2021 година, потег што руската опозиција и западните земји го протолкуваа како политички мотивиран.

Навални беше најжестокиот и најистакнат противник на рускиот претседател Владимир Путин и водеше бескомпромисна борба против корупцијата во државните органи на Русија. Тој беше уапсен и осуден на неколку години затвор, вклучително и 19 години за водење на екстремистичка организација.

Во февруари оваа година, тој почина во затвор во оддалечена област на Арктикот.

Новинарите кои денеска беа изведени пред судот работеа за различни домашни и странски медиуми. Фаворскаја и Кригер известуваа за руската СотаВизија, која покрива протести и политички судења, Габов е хонорарен продуцент кој работи за различни медиуми, вклучувајќи го и Ројтерс, а Крелин е видео-новинар кој работи со западни медиуми, вклучително и Асошиетед прес.

Кога беа внесени во судницата, група поддржувачи ги поздравија со аплауз.

Кригер ги повика новинарите кои се уште се во Русија да ја напуштат земјата и им порача: „Ова не е шега. Секој може да биде обвинет за што било“.

Набргу по почетокот на судењето, судијата на барање на обвинителството ја затвори натамошната постапка за јавноста, иако одбраната се спротивстави.