Ахмети не оди на „Илинденска“ и да го викаат, ќе излезе на улица!

Најавуваните протести на Европскиот фронт се поместија за еден месец. Од Европскиот фронт најавија дека ќе кампуваат пред Собранието и пред Владата кон крајот на октомври. Откако со месеци, и пред и по изборите, бараа да се почитува принципот „победник со победник“ за формирање на Владата, сега излегоа со повик до Вреди да им се придружи во Европскиот фронт и заедно да му покажат на премиерот Христијан Мицкоски „каде му е местото“. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој е на кормилото на Европскиот фронт на вчерашната прес-конференција „100 дена скандали, понижувања и неуспеси“, рече дека не се заинтересирани да бидат дел од оваа влада, затоа што не се ничија резервна гума, а Зијадин Села, ја повика коалицијата Вреди да стане дел од Европскиот фронт

149

Најавуваните протести на Европскиот фронт се поместија за еден месец. Од Европскиот фронт најавија дека ќе кампуваат пред Собранието и пред Владата кон крајот на октомври. Откако со месеци, и пред и по изборите, бараа да се почитува принципот „победник со победник“ за формирање на Владата, сега излегоа со повик до Вреди да им се придружат во Европскиот фронт и заедно да му покажат на премиерот Христијан Мицкоски „каде му е местото“. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој е на кормилото на Европскиот фронт на вчерашната прес-конференција „100 дена скандали, понижувања и неуспеси“, рече дека не се заинтересирани да бидат дел од оваа влада, затоа што не се ничија резервна гума. Ахмети порача дека Албанците и другите заедници не заслужуваат да бидат омаловажувани и презирани и истакна дека Албанците во Македонија се субјекти, а не објекти.

-Албанците и другите заедници не го заслужуваат овој презир и омаловажување. Воопшто не сме заинтересирани да бидеме дел од оваа влада. Ние не сме резервна гума за некој што има пречки и дефекти на патот да не користи, изјави Али Ахмети и најави дека интегративците  во следниот период ќе имаат средби со граѓаните низ државата и ќе организираат на тематски прес конференции, а редовно ќе состаночат и со партиските ограноци.

Ахмети повика и на ветинг и отворање истраги за приватизациите во последните 30 години.

Зијадин Села, пак, ја повика коалицијата Вреди да стане дел од Европскиот фронт, и потоа заеднички, како што рече, „да му го покажат местото на Христијан Мицкоски“. Села рече дека на Мицкоски треба да му се покаже до каде има право да се справува со овој народ. Села обвини дека Вреди е ставена во служба на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски и рече дека Европскиот фронт ќе ја заштити демократијата на земјата, додавајќи дека „протестите не се дестабилизација, туку демократска алатка“.

 -Не обвинија дека сме хистерични за власт, но еве ние нема да дојдеме кај вас, дојдете вие кај нас, ќе го осмислиме нашиот фронт и ќе му го покажеме местото на Христијан Мицкоски, ќе му ги покажеме црвените линии и до каде има право да постапува со овој народ. Главниот збор на секој јавен настап на Мицкоски и на експонентите на ВМРО-ДПМНЕ беше дестабилизација. Дестабилизација е стравот и климата што се обидуваат да ја изградат, да го реализираат тоа што го ветија – отстранување на механизмите од Охридскиот договор, изјави Села.

Етничката карта во игра

Паралелно со ваквите пораки од лидерите, партиите од албанскиот опозициски политички блок повторно играат на етничка карта. Партиските ограноци на ДУИ преку транспаренти го повикуваат Ахмети „да се врати“ бидејќи биле понижувани и им биле газени правата. Во центарот на Дебар вчера беше поставен транспарент на кој пишува „Албанците се понижуваат до таму што се гази и крвта на паднатите борци! Врати се команданте, Али Ахмети!“.

-Транспарентот го поставивме денеска наутро во 7 часот. Тој се наоѓа на спротивната страна од седиштето на огранокот на нашата партија. Поставен е по барање на 90 отсто од Албанците во Дебар, изјави за МИА, Рамадан Имери, потпретседател на огранокот на Демократската унија за интеграција.

Тоа е, како што посочи, поради „незадоволството и револтот од понижувањето што го доживуваат Албанците од актуелната влада“.

Деновиве транспарент со ликот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, беше поставен на надвозник на автопатот Скопје – Тетово, веднаш после Сарај. На транспарентот покрај ликот на Ахмети на албански јазик е напишана и порака „Команданте, ние сме подготвени“.

Меѓуетнички тензии

По изборите и новата политичка реалност, во која ДУИ за првпат по 22 години отиде во опозиција, лидерот на партијата Ахмети најави дека Интегративците од септември ќе започнат со спроведување на својата стратегија преку протести пред Собранието и пред Владата и пред други институции и дека за да бидат дел од власта „ќе водат битка во секоја населба и институција“. Најавите за немирни улични сценарија не се реализираа досега, иако министерот за внатрешни работи деновиве потврди дека изминатиот месец имало обиди за подгревање на меѓуетнички тензии, а во тој контекст се транспарентите што осамнуваат деновиве, како и тепачки во училишни дворови и градски автобуси, верски провокации и нетрпеливост меѓу најмладите, кои почнаа да стануваат секојдневие и да ги вознемируваат граѓаните.

Од Европскиот фронт, предводен од ДУИ, изминатиот период бараа озаконување на принципот „победник со победник“ и се надеваат дека ќе се вратат на власт, а имаа и барања за територијална реорганизација на државата по белгиски модел.  Но премиерот Христијан Мицкоски и завчера демантираше дека е можна коалиција со ДУИ, и покрај тоа што нивните пратеници во Собранието двапати дадоа поддршка за закони за кои беше потребно двотретинско мнозинство.

-Нашиот став за ова раководство на ДУИ ви е познат, јасен и нема што да додадеме на тоа прашање, порача Мицкоски на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање.

Од коалицијата Вреди порачуваат дека остануваат во Влада за да ги испорачаат ветувањата, а „криминалното раководство на ДУИ и неговите сателити, Зијадин Села и Мендух Тачи, ќе прават претстава за бркање на уплавот од нивното соочување со правдата“.

-Нема да дозволиме да го потценуваат албанскиот народ, изјави на прес-конференција пратеничката на Коалицијата „Вреди“, Саранда Имери.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, деновиве изјави дека Министерството е подготвено да одговори на секакви предизвици во иднина, кои што ќе бидат насочени кон дестабилизација на Македонија и доколку ги има како такви во реалноста, надлежните жестоко ќе одговорат.

Препукувањата околу можни сценарија за дестабилизација се засилија откако премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати ја обвини ДУИ за вакво сценарио. По изоставањето на ДУИ од власта, Мицкоски рече дека има индиции дека високи поранешни функционери кои располагаат со милионски суми, мобилизираат луѓе на терен за манипулација и се обидуваат да испровоцираат етнички конфликт. Мицкоски сподели со јавноста дека има информации добиени од повеќе канали, дека раководството на Демократската унија за интеграција, во обид да го заштити капиталот којшто го создаваше изминативе 20-ина години, есенва ќе презема чекори во насока на дестабилизирање на државата.

Претседателот на Демократската унија за Интеграција, Али Ахмети, во изминатиот период оствари одделни средби со неколкумина амбасадори во земјава, на кои посочил дека ДУИ не е дел од никакво дестабилизирачко сценарио и отфрла какви било владини конспиративни тенденции. Според Ахмети, ваквите предупредувања се голема „владина измама да исценира дестабилизирачки сценарија за дефокусирање на јавноста од големите неуспеси и безбројните и секојдневни скандали на неспособната власт“. (В.С.Н.)