Помина медениот месец на новата Влада, а работниците сè уште го чекаат зголемувањето на платите. И покрај тоа што зголемувањето на минималецот требаше да биде приоритет на новата Влада, тоа не се случи во првите 100 дена. Според последните податоци од Сојузот на синдикати на Македонија, 25.000 работници земаат минимална плата, а 10 илјади помалку од 22.567 денари. И покрај тоа што минималната плата во државата е загарантирана со закон, некои газди во државата не ја исплаќаат ни неа.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, рече дека нечовечки е 25.000 работници да примаат минимална плата од 22.567 денари во услови кога основни животни трошоци секој месец растат.
-За да се покрие една синдикална минимална кошничка, потребни се веќе три минимални плати. Ниту една минимална и една просечна плата веќе не се доволни за ги покријат месечните трошоци на едно семејство. Делот за храна и пијалаци веќе достигна 23.000 денари, што значи дека една минимална плата не покрива ниту леб и вода, вели Трендафилов.
Според него и покрај тоа што требаше да има седница на Економско-социјалниот совет на која требаше да се разговара за зголемување на минималната плата, тоа не се случи. Потврди дека има работодавачите кои исплаќаат плати под минималната граница.
-Сметаме дека е кривично дело 10 илјади работници да примаат плата од еден денар до 22.567, вели Трендафилов.
Од Државниот инспекторат за труд информираат дека во текот на 2023 година се извршени вкупно 94 инспекциски надзори по основ на исплата на плата под минималната утврдена со закон, при што се донесени 34 решенија за отстранување на недостатоците, од кои 26 опомени и 8 наредби. Врачени им се 6 прекршочни платни налози на работодавците за прекршување на законот и поднесено е едно барање за поведување прекршочна постапка до надлежен орган редовно се вршат инспекциски надзори.
– Во текот на 2024 година се извршени вкупно 70 инспекциски надзори по истиот основ, при што се донесени 26 решенија за отстранување на недостатоците, од кои 21 опомена и 5 наредби. Врачени им се 5 прекршочни платни налози на работодавците за прекршување на законот – информираа за весникот ВЕЧЕР од Инспекторатот.
Од ССМ бараат и склучување колективни договори и на нивните анекси, со цел вработените во Македонија да ја добијат просечната плата по коефициент на сложеност, а со тоа и раст на нивните плати меѓу 12 и 15 проценти наредната година.
– Очекуваме од Владата, како социјален партнер, да се потруди да обезбеди финансиски средства, да изнајде начин и можности за усогласување на платите на работниците во дејностите кои се нужни и неопходни, а кои, за жал, токму поради изборниот процес, не добија никакво усогласување на своите плати. Повикуваме на почитување на колективните договори и на социјален дијалог, преку кој ќе успееме да ги пренесеме нашите очекувања и нивните можности и да најдеме решение што ќе значи добро за работниците. Во спротивно, сè ќе биде исклучиво на штета на работниците, а со тоа и на штета на државата – вели Иван Пешевски од ССМ.
И од Организација на работодавачи велат дека се незадоволни од работата на Владата во првите 100 дена во делот на економијата. Оттаму велат дека очекувањата од новата влада биле големи, но не добиле ништо.
И покрај тоа што беше ветено дека Владата ќе се позанимава со реалните проблеми во бизнисот, односно недостиг на работна сила и ниска продуктивност на трудот. Во изминатиот период се збореше само за зголемување на платите и пензиите, како и за кредитот од Унгарија. И покрај тоа што беа ветени пари за инвестиции сè уште нема ништо конкретно, односно на кој начин тие кредити ќе стигнат до компаниите, со колкави каматни стапки и колкав рок на враќање и дали ќе бидат поволни за стопанството.
(А.С.)