Пензионерите од Прилеп и од неколку други градови од Македонија кои протестираа подолг период за линеарно покачување на пензиите од 5.000 денари, а го добија првиот дел од покачувањето од 2.500 денари, денеска го одбележаа со средба во просториите на Здружението на пензионери во Прилеп.

Верче Јанческа, пензионерка од Прилеп изјави дека она што како Здружение на пензионери го зацртале, сега е остварено.

– Радоста е голема бидејќи за нас значи многу 5.000 денари, што никогаш не би го заменила со 5,3% или 2,9% во 6 месеци од годината – рече таа.

Делче Максимоски, претставник на пензионерите од Охрид се надева дека во целост ќе бидат прифатени и предлог измените на законот за пензионери со што ќе се решат сите нивни проблеми.

– Со изработката на новиот Закон за пензионери очекувам да бидат опфатени сите категории на пензионери, кој ќе ги реши сите суштествени проблеми и прашања на пензионерите и мислам дека со тој нов закон конечно еднаш засекогаш пензионерите ќе имаат достоен живот – рече Максимоски.

Пензионерите побараа смена на раководството на Здружението на пензионери во Скопје и по градовите затоа што не ги подржувале во нивните барања.

Со мартовската пензија во 2025 година пензионерите ќе го добијат наредното линеарно покачување од 2.500 денари.