Мицкоски: Македонија може во ЕУ и без срамни отстапки!

Оваа Влада нема да направи ништо спротивно на интересите на граѓаните и на националните интереси и стратешки правци. Нема да направи ниту една отстапка која ќе биде допопнителен срам за граѓаните. Вашиот интерес е наша заповед, а ние ќе функциониреме како ваши слуги. Се додека ја имаме вашата поддршка ќе бидеме од ден на ден се подобри. Никогаш нема да остстапиме од втората стратешка цел - полноправно членство во ЕУ. Двете овие стратешки цели можат паралелно една со друга да се реализираат и не се во конфликт, рече премиерот Христијан Мицкоски во отчетот по повод 100 дена Влада. Мицкоски рече дека коалицијата е стабилна, а на опозицијата и порача што поскоро да се консолидира

565

Успешни 100 дена имала новата Влада, иако била соочена со тешкотиите што ги наследила од претходната, оцени премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето по повод 100 дена Влада, додека од опозицијата обвинија дека оваа Влада во овој период ставила крај на преговорите со ЕУ, ја изолирала и ја донела земјата во политички ќорсокак. Премиерот Мицкоски е дециден дека Владата никогаш нема да отстапи од полноправното членство во ЕУ, но и дека никогаш нема да направи нешто што е спротивно на националните интереси и стратешки определби на граѓаните. Според премиерот, овие две стратешки цели не се во конфликт и можат паралелно да се реализираат – и да се зачуваат националните интереси и да влеземе во ЕУ. Тој смета дека Македонија не е сама на патот кон ЕУ, по одлуката на Унијата за одвојување на Албанија и дека земјава има многу пријатели.

-Оваа Влада нема да направи ништо спротивно на интересите на граѓаните и на националните интереси и стратешки правци. Нема да направи ниту една отстапка која ќе биде допопнителен срам за граѓаните. Вашиот интерес е наша заповед, а ние ќе функциониреме како ваши слуги. Се додека ја имаме вашата поддршка ќе бидеме од ден на ден се подобри. Никогаш нема да остстапиме од втората стратешка цел – полноправно членство во ЕУ. Двете овие стратешки цели можат паралелно една со друга да се реализираат и не се во конфликт, рече премиерот Христијан Мицкоски во отчетот по повод 100 дена Влада.

Мицкоски не одговори конкретно за планот за понатамошниот пат на Македонија кон ЕУ и за различните изјави од министрите во неговата Влада – вицепрмеиерот Изет Меџити изјави дека е убеден дека до крајот на годината ќе има уставни измени, додека минитесрот за евроинтеграции Орхан Муртезани, пак, рече дека во Брисел нема разположение за нивниот предлог за уставни измени со одложено дејство. Премиерот истакна дека неговиот став е добро познат и дека не прифаќа промена на Уставот под уцени и диктат.

-Мора да се навикнете на политичари коишто се грижат за своите граѓани и работат за своите граѓани чесно и одговорно без истите да ги понижуваат и ограбуваат и потпишуваат договори на штета на своите граѓани. Ако мислите дека треба да ги полираме чевлите на некои од политичарите од земјите членки на Европската Унија и дека тоа е правиот пат, простете, но јас не сум добар соговорник. Со мене може да се разговара само врз основа на аргументи, рече премиерот.

Мицкоски повторно направи паралела меѓу Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство и порача дека исто како што во Преспанскиот има условна клаузула дека името Северна Македонија ќе почне да се применува кога договорот за пристапување во НАТО ќе биде ратификуван во Парламентот во Грција, така и со Бугарија треба уставните измени да важат кога оваа земја ќе го ратификува пристапниот протокол за членството на Македонјија во Унијата.

-Еве, ние почитуваме договори. Но, зошто тоа не важи и за договорот за добрососедство ? Каде во него стои дека ние треба да го смениме Уставот, рече Мицкоски и сподели дека токму тоа го понудил унгарскиот премиер Виктор Орбан, иницијатива што Софија експресно ја одби.

-Треба да се разговара, преговара, додека не се постигне решение и токму тоа го понуди мојот личен пријател и пријател на Македонија, господинот Виктор Орбан. Еве ние претседаваме со ЕУ, дојдете да седнеме да разговараме да помогнеме колку можеме, прифатив, покажав конструктивност, жалам што нашиот источен сосед не прифати, јас стојам на располагање, ќе прифатам, нека кажат каде, колку е потребно да разговараме со денови, со часови, се да ставиме на маса да го решиме ова еднаш засекогаш. Но, нема да бидам наивен и да влезам во процес  што не ни гарантира успешен крај, рече Мицкоски.

Стабилна коалиција

Премиерот рече дека владината коалиција е стабилна и дека и покрај различните мислења за одредени прашања, сепак сите коалициони партнери се обединети околу стратешките прашања. На опозицијата и порача да биде конструктивна и силна и наместо со обвинувања, да се натпреварува со политики кои ќе донесат подобар стандард на граѓаните.

– Коалицијата има двотретинско мнозинство, ова не е коалиција што се бори за својата стабилност. Хармонијата и колегијалниот дух владее во коалицијата, на моменти нормално е да постојат и различни мислења, но тоа не значи дека не се согласуваме за стратешките прашања. Има такви кои велат дека ВМРО-ДПМНЕ направило премногу отстапки на коалиционите партнери и такви кои велат дека ВМРО-ДПМНЕ ги поништи своите коалициони партнери. Ги слушам сите тие гласови кои доаѓаат од опозицијата од кои едната се обидува да опстане на политичката сцена, а другата преку националистичка реторика се труди да се врати на политичката сцена. Тие мислат дека ако испраќаат такви пораки ќе внесат раздор и недоверба во таа коалиција. Можам да ги разочарам и да им кажам дека не само што не се успешни, туку таквото нивно однесување го зајакнува заеднички дух. Нивните празни зборови нека говорат за нив, а ние продолжуваме со засукани ракави да работиме за доброто на сите граѓани, рече Мицкоски.

Во однос на забелешките дека процесот на именување на кадри оди бавно, премиерот рече дека не треба да се избрзува и дека понекогаш е подобро да се направи еден вистински чекор, отколку да се направат три чекори па потоа да се враќаме пет чекори назад.

Нема со апсења да правиме естрада

Во однос на критиките за борба против корупцијата, или како што рече Мицкоски, „зошто не апсиме“, тој порача дека нема од тоа да прави естрада и да манифестира моќ и политички реваншизам.

 – Ниту како човек, ниту како универзитетски професор, ниту како политичар, нема да дозволам од тоа да се прави естрада, да манифестирам сила, моќ и политички реваншизам. Човечки е да се простува, но и криминалот и корупцијата да бидат казнети. Но, за тоа има институции. Бидете трпеливи. Процесот е тежок, затоа што имаме партиски послушници во правосудниот систем. И тука не мислам на сите, туку на една мала група, рече премиерот.

Тој истакна дека рокот до 30 септември што го даде Владата помина, но за жал до нив не стигнал ниту еден конкретен предлог како треба да се одвива реформата во правосудниот систем, од оние што ги критикуваа нивните решенија.

Во отчетот за сработеното во првите 100 дена, прмеиерот Мицкоски се осврна и на зголемувањето на пензиите, странските инвестиции, проширувањето на позитивната листа на лекови, субвенциите за земјоделците, надминување на проблемите со учебниците, зголемена наплата на Царинската управа, надминување на проблемот со издавање на личните документи и друго.

Покрај за успесите на Владата во првите 100 дена од мандатот, Мицкоски зборуваше и за забелешките и рече дека целта не е само да се фалат и дека како Влада имале и гафови изминатите 100 дена. Но, тој истакна дека е природно кој работи и да греши и дека не треба да се земаат за зло грешките кои не предизвикале катастрофална штета, особено ако ведаш има корекција. (В.С.Н.)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ ја остави државата на дното на Балканот

Во оценката за 100 дена Влада, покрај другите критики, од опозициската СДСМ обвинија дека најголемиот успех на оваа Влада во првите 100 дена е „одлуката на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да стават буквално крај на преговорите со ЕУ и да ја дотераат земјата во политички ќорсокак“ и „од земја со јасна перспектива напред, јасен план за развој и раст на секое поле во рамки на ЕУ, Мицкоски реши да ја затвори и изолира уништувајќи ја надежта дека тука ќе се живее подобро“. Лидерот на оваа партија Венко Филипче на прес-конференција рече дека нема ни трага од мудрата дипломатија која требаше да не направи повторно горди.

 -ВМРО-ДПМНЕ за 100 дена ја закопа европската иднина на државата и ја остави државата на днотот на Балканот. Ниту понуди јасен пат како напред, ниту понуди алтернатива. Мицкоски одлучи еднострано да ги прекине преговорите со унијата како државата да е негова своина. Тој нема ниту мандат ниту право тоа да го прави, истакна Филипче.

Тој ја критикуваше оваа Влада за нејзините неуспеси.

-Нема покачување на минимална плата на 450 евра која денес ќе беше реалност со СДСМ. Велат ако и одело добро на економијата тогаш можеби ќе се качеле платите. Наставниците и просветните работници добија покачување од 0,7% наместа 12% кои ги планирапе СДСМ. Се случува целосна деградација на работниците и нивните права. За жал, се враќа политиката на евтина работна сила, платите паѓаат, стандардот се намалува, а Владата не обезбеди ниту заштита на граѓаните од високите цени и алчноста на трговците. Мерките се задоцнети и без ефект. За сто дена, нема ниту никаков траг од епскиот криминал кој наводно ќе го докажуваа, рече претседателот на СДСМ.