Попусто се мерките на Владата кога ние веќе немаме домашно земјоделско производство. Тетовскиот грав стигна до 400 денари за килограм, кочанскиот ориз се продава над 100 денари, а слична е состојбата и со пиперките, доматите и краставиците… Земјоделците велат дека не само што се скапи, туку и ги нема. Порано имавме и за извоз сега нема ни за нас, 80 отсто од производството е од увоз. Граѓаните се жалат дека освен што се скапи земјоделските производи го немаат веќе препознатливиот квалитет. Велат дека се изгуби вкусот домашниот грав, ориз, македонскиот јабучар… Сега наместо вкусен тетовски грав јадеме увезен од Киргистан, Египет… кој е со сомнителен квалитет.
-Во сите сектори на македонскиот аграр има драстично намалување на производството. Причина се ниските откупни цени кои се присутни изминативе години. Кога земјоделците зборуваа дека ќе дојдеме во ситуација да немаме домашен грав, ориз, домати, пиперки… никој не ги сфаќаше сериозни. Освен ниските откупни цени и климатските промени и високите трошоци си го направија своето. Сето тоа заедно со отсуство на државна стратегија за развој на македонскиот аграр нè доведоа до ова дереџе да немаме домашно производство, а граѓаните да купуваат увозни производи кои се со сомнителен квалитет, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ѓорѓи Каракашев.
Тој вели дека како еден од главните фактори кој доведе до опаѓање на домашното производство е неконтролиран увоз на сè и сешто од надвор. Од сето тоа најголем ќар имаа трговците кои пресметуваа многу високи маржи, правеа разни малверзации, ги препакуваа увезните производи и ги декларираа како домашни.
-Заклучно со август имаме потрошено милијарда евра за увоз на храна која во минатото си ја произведувавме сами. Апсурдно е за една држава, која се декларира како аграрна, да биде целосно зависна од увоз. Поради тоа сите напори од страна на државата треба да бидат насочени кон подготовка на стратегија за зголемување на домашното производство со сите расположливи ресурси. Таа треба да биде насочена и кон спречување на сивата економија во земјоделството, дивеењето од страна на трговците на штета на земјоделските производители и граѓаните како директни консументи на земјоделските производи, вели Каракашев.
Во минатото, во повеќе наврати, во јавноста проструија информации дека се увезува небезбедна храна, а се покажа дека државата не е во можност да контролира толкав обем на увоз што директно влијае и штети врз здравјето на граѓаните.
-Неопходна е силна поддршка на земјоделството и на производството, треба да се создаде состојба во која трговијата ќе биде скапа, а производството евтино. За таа цел потребна е конкретна поддршка на преку евтини кредитни линии, грантови за производствени инвестиции, интервентен фонд за земјоделство, како и субвенциите да одат кај реалните производители, а не кај фиктивните изнајмувачи на земјоделско земјиште. Со други зборови кажано, потребен е сет таргетирани мерки во земјоделството и индустриското производство, изјави за весникот ВЕЧЕР, Горан Ѓорѓиевски, потпретседател на Сојузот на стопански комори.
Според него, во државата мора да се создадат услови земјоделското производство да биде профитабилно. Сега луѓето не се занимаваат со земјоделство и производство, затоа што многу лесно се трансферираат во други бизниси во кој има побрз и поголем профит.
Граѓаните велат дека одамна се изгуби вкусот на тетовското гравче, кочанскиот ориз, македонскиот јабучар… Со увозот сè се измеша и на пазарите не се знае што е домашно, што е увоз.
(А.С.)