„Еуроњуз“ анализира: Зошто обновените тензии со соседите ја закочија Македонија во ЕУ?

41

Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) минатата недела донесе одлука Албанија на 15 октомври да ги започне преговорите по кластерот 1 – „Основни вредности“, со што преминува во следната фаза од преговарачкиот процес за членство во Унијата и се раздвојува на европскиот пат од земјава. Сепак, и покрај ваквата одлука, како што наведува „Еуроњуз“, Брисел се надева дека новите власти во Скопје ќе останат фокусирани на европскиот пат. Според дипломатски извори, до надминување на пречките за почеток на преговорите по поглавја, Брисел очекува земјава да работи на спроведување на реформската агенда од Планот на Европската комисија за раст на Западен Балкан, со кој се предвидени шест милијарди евра за инвестиции во државите од регионот, со цел доближување на нивните економи и општества до стандардите на ЕУ уште пред полноправното членство.

Дипломатски извори посочуваат за „Еуроњуз“ дека се задоволни од тоа што новата македонска Влада, како и претходната, покажува посветеност на процесот на зачленување во ЕУ.

– Кога ја презеде новата Влада должноста, немаше големи отстапувања од реформската агенда за која преговараше претходната Влада – посочуваат изворите, додавајќи дека, сепак, ќе треба да се почека за да се види како ќе бидат спроведувани предвидените реформи.

Тие реформи, меѓу другото, опфаќаат зајакнување на принципите на владеење на правото, независност на судството и борба против корупцијата, и од нивното спроведување ќе зависи и исплатата на средствата предвидени со Планот за раст, од кои две милијарди евра грантови и четири милијарди евра позајмувања под поволни услови. Средствата се распределени меѓу државите од Западен Балкан според висината на нивниот БДП и бројноста на населението, но доколку некоја од нив не ги спроведе бараните реформи, тогаш сумата предвидена за неа ќе биде пренасочена кон другите земји од регионот што посветено ја имплементираат својата реформска агенда. Целта на ваквиот модел е да се создаде еден вид натпревар меѓу државите од регионот и да се поттикнат на побрза имплементација на реформите.

Се очекува ЕК да ги одобри реформските агенди во текот на овој месец, со што првите авансни средства за земјите од регионот би биле исплатен до крајот на оваа година. Сите земји од регионот до вчера, кога беше крајниот рок за тоа, ги доставија своите предлог реформски агенди, освен Босна и Херцеговина, каде што постапката за нивно одобрување е заглавена во процедуралните правила.

Кога станува збор за земјава, дипломатските извори посочуваат дека еден од нејзините главни предизвици, впрочем како и за другите држави од регионот, ќе биде справувањето со корупцијата, потенцирајќи дека ЕУ има механизми да ги заштити своите финансии од евентуални злоупотреби и од коруптивни практики.

– Корупцијата е присутна. Но, ние имаме политика на нулта толеранција за корупцијата и многу строги рамки – посочија изворите, додавајќи дека ако се појави сомнеж за корупција, ЕУ ќе ги активира своите заштитни механизми.

Но, како што посочува „Еуроњуз“, дури и ако „успешно ги исполни сите свои цели и ги искористи придобивките од Планот за раст, Скопје ќе може да напредува на својот пат кон членство во ЕУ само ако продолжи да ги поправа односите со соседна Бугарија, имајќи предвид дека за секој нареден чекор од пристапниот процес, потребно е зелено светло од сите земји членки на Унијата.

– Тоа може да се покаже како предизвик, бидејќи претставниците на Софија и на Скопје продолжуваат да разменуваат воинствена реторика – се наведува во анализата, при што се посочува и на изјавата на поранешниот бугарски премиер и актуелен претседател на Комитетот за надворешни работи на Собранието на Бугарија, Бојко Борисов, дека земјава мора да „се соочи со последиците од своите постапки“.

„Еуроњуз“ наведува дека во таа војна на зборови бил вклучен и коридорот 8, кој треба да ги поврзе главните градови на двете земји, но и јадранскиот брег на Албанија со пристаништето Варна, на брегот од Црното Море во Бугарија, притоа минувајќи преку македонска територија.

Во текстот се оценува дека кога ќе биде изграден, овој коридор ќе ги вклучи Северна Македонија и Албанија во транспортната и во трговската мрежа на Европа, со што буквално ќе го трасира нивниот пат кон Европската Унија, а во исто време ќе му обезбеди и стратешки воен коридор на НАТО.