Жарко Кујунџиски, главен уредник на „Антолог“ и организатор на „Букстар“, истакна дека овој фестивал ги инспирираше писателите од секое крајче на Европа, па така Илја Леонард Фајфер создал дел од својот капитален роман ‘Гранд Хотел Европа’ по својот престој на фестивалот, a Славој Жижек ја составил збирката есеи ‘Пепелник во еден хотел во Скопје’. Македонската писателка Румена Бужаровска, која го отвори фестивалот, во својот говор ја истакна важноста на македонскиот јазик. Како што посочи, го говорат мал дел од светската популација, а со текот на годините од тој „мал јазик“ создадовме цели книжевни светови

 

„Букстар е 10 години страст, борба и поддршка на квалитетна литература. Десет години инспирација за писателите, за читателите, за премолчените и инспирација за заборавените“, посочи Жарко Кујунџиски, главен уредник на „Антолог“ и организатор на фестивалот на европска култура „Букстар“, чие десетто, јубилејно издание беше отворено завчеравечер во Скопје. Пред бројните љубители на пишаниот збор во „Лабораториум“, каде што се одржа настанот, тој додаде и дека овој фестивал ги инспирираше писателите од секое крајче на Европа, па така

Илја Леонард Фајфер создал дел од својот капитален роман ‘Гранд Хотел Европа’ по својот престој на фестивалот, a Славој Жижек ја составил збирката есеи ‘Пепелник во еден хотел во Скопје’. „Букстар“, како што додаде Кујунџиски, бил инспирација и за колумните на Славенка Дракулиќ…

Фестивалот го отвори македонската писателка Румена Бужаровска, која во својот говор ја истакна важноста на македонскиот јазик. Како што посочи, го говорат мал дел од светската популација, а со текот на годините од тој „мал јазик“ сме успеале да создадеме цели книжевни светови. Таа се осврна и на проблемите на македонските писатели и преведувачи, но и напорите и љубов кои тие ги вложуваат во афирмирањето на македонската книжевност. Притоа,  Бужаровска ги спомена Богомил Ѓузел, Драги Михајловски и Влада Урошевиќ, како дел од групата која неуморно работеше на проширување на нашите светови преку јазикот и книжевноста.

„Ете каде сме сега: таму каде што никој досега не бил, на простор со бесконечни хоризонти “, заклучи Бужаровска.

Присутните имаа можност да чујат и разговор со авторките Паола Перети од Италија и Мирженка Чехова од Чешка на тема траумата и истрајноста, што беше и централната тема на разговорот меѓу учесничките. Настанот го модерираа Билјана Црвенковска и Драгица Стаменковиќ.

„Во книжевноста, траумата честопати служи како критичка леќа низ која се разгледува истрајноста на ликовите“, кажаа тие.

Вечерта заврши со диџеј-сет на Ogipsilon/Sure Shotz.

На првиот фестивалски ден се одржа и креативна работилница со Ана Голјешка-Џикова, во градската библиотека „Браќа Миладиновци“, како и два поткаста, водени од Душко Крстевски, со гостите Жозе Луиш Пејшото од Португалија и Здравка Евтимова од Бугарија.

Во текот на вчерашниот ден следеа и книжевното читање „Преобразба(та)“, со автори од Македонија и Европа, како и настанот „Балканска вечер(а)“ со авторите Кристијан Новак (Хрватска), Румена Бужаровска (Maкедонија), Фарук Шехиќ (БиХ) и Игор Маројевиќ (Србија).

Фестивалот се одржува под слоганот „Преобразба“ и е поддржан од македонското Министерството за култура и туризам, книжевната мрежа Традуки, ЕУ со тебе (Eu with YOU), Амбасадaтa на Германија, издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Амбасадите на Република Чешка и Италија, Културно–информативниот центар на Република Бугарија во Скопје, Италијанскиот институт за култура во Белград, Исландскиот книжевен центар и Институтот за соработка и јазик „Камоеш“.