Распишани се конкурсите за државните награди „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ и „Мето Јовановски“ за 2024 година.
Со државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ се оддава признание за остварувања во областа на публицистиката и новинарството. Државната награда им се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани. Државната награда се врачува во македонското Собрание на 21 декември, денот на раѓањето на Мито Хаџи Василев-Јасмин. Иницијатива за доделување на државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ може да поднесат: установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани.
Со државната награда „Мето Јовановски“ се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права. Наградата се доделува секоја година на 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права. Државната награда им се доделува на поединци, здруженија на граѓани, неформални групи и други правни субјекти. Иницијатива за доделување на државната награда „Мето Јовановски“ може да поднесат здруженија на граѓани, граѓани, странски државјани, како и други правни субјекти во земјава и во странство.
Конкурсите траат од 1 до 31 октомври и се достапни на веб-страницата: www.kultura.gov.mk