Работниците работат онолку колку што се платени – колку пари, толку музика!

Нашите работници се онолку продуктивни колку што се платени. Кога ќе отидат во Србија, Хрватска, Словенија... работат повеќе, ама и повеќе се платени. Нашите газди никако да го сфатат тоа дека платите се правопропорционални со продуктивноста, односно, со други зборови, колку пари, толку музика. Градежните работници кај нас земаат од 350 до 450 евра плата, што е малку, бидејќи се работи за многу ризична професија. Од друга страна, неговиот колега што отишол да работи надвор и зема двојно поголема плата, секако дека и повеќе работи – вели за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски од ССМ

1460

Нашите работници работат онолку колку што се платени. Газдите постојано потенцираат дека ќе се зголемат платите ако покажат работниците поголема ефикасност во работата, но синдикатите сметаат дека прво треба да се зголемат платите, а потоа да се бара поголема продуктивност. Оттаму сметаат дека во услови на зголемени животни трошоци, треба да се биде задоволен од продуктивноста на работниците, односно дека и ова е многу за платите што ги земаат.

Од Сојузот на синдикати на Македонија им порачуваат на газдите да не очекуваат поголема продуктивност од работиците за овие плати. Велат дека за овие плати и таа е многу, кога ќе ги зголемат платите, може да бараат повеќе работа од работниците, што, од друга страна, и ним ќе им донесе поголем профит.

– Нашите работници се онолку продуктивни колку што се платени. Кога ќе отидат во Србија, Хрватска, Словенија… работат повеќе, ама и повеќе се платени. Нашите газди никако да го сфатат тоа дека платите се правопропорционални со продуктивноста, односно со, други зборови, колку пари, толку музика. Градежните работници кај нас земаат од 350 до 450 евра плата, што е малку, бидејќи се работи за многу ризична професија. Од друга страна, неговиот колега што отишол да работи надвор и зема двојно поголема плата, секако, дека и повеќе работи – вели за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски од ССМ.

Освен тоа, како што вели, нашите работници таму работат дополнителна и прекувремена работа, затоа што се мотивирани.

– Точно дека нашите работници надвор повеќе работат, затоа што се повеќе платени. Во регионот, саатницата изнесува 12-13 евра и е повисока откај нас, затоа многу работници, особено оние што се занимаваат со градежништво и со занаетчиство, заминуваат да работат во земјите од регионот – вели Никола Велковски, градежен експерт.

И тој се согласува дека има газди во државата што малку ги плаќаат општите работници и затоа им бегаат. Треба да сфатат дека добрите работници имаат висока цена.

Од друга страна, од бизнис-секторот сметаат дека за да почнат да растат платите, треба да се зголеми продуктивноста и да има поголем раст на индустријата и на економијата.

– Не треба основа за раст на платите да биде само растот на цените. За да почнат да растат платите, треба да се создаде реална основа за тоа, односно да се зголемат продуктивноста, ефикасноста, да се зголемат инвестициите во компаниите и да има позначителен раст на индустријата и на економијата. Кога имаме намален обем на производство, не се прават планови за понатамошни вложувања, туку само калкулации за намалување на трошоците. Во тој случај, платите стагнираат – изјави за весникот ВЕЧЕР Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.

Како да ги зголемиме платите кога не расте економијата со толкава стапка, а индустриското производство опаѓа неколку месеци по ред?, додава Бошков.

На оваа тема се направени многу истражувања и се објавени многу научни трудови. Поголем дел од истражувањата покажуваат дека зголемените плати не влијаат на зголемувањето на продуктивноста. Тоа го покажува и последниот научен труд „Дали платите го одразуваат растот на продуктивноста? – Споредба меѓу европскиот исток и запад“. Во него се заклучува дека во повеќето земји од истокот на Европа просечниот раст на компензацијата на работниците го надминува просечниот раст на продуктивноста на трудот, додека кај повеќето од западните земји ситуацијата е обратна, односно продуктивноста на трудот расте побрзо од компензацијата на работниците.

(А.С.)