„Замрзнатиот“ балансер ги поништи огласите во кои е наведен етникумот

Од Министерството посочуваат дека се прекинува веќе почнатата постапка за вработување во институциите од јавниот сектор ако се наведува во јавниот оглас припадност на заедница, а кандидатот се обврзува да истакне во пријавата припадност на заедница. Доколку во огласот не се наведува припадност на заедница, ниту, пак, се обврзува кандидатот да истакне во пријавата припадност на заедница, веќе започнатата постапка за вработување во институциите од јавниот сектор продолжува

29

Како што најави претходно министерот за јавна администрација, Горан Минчев, Министерството даде насоки за постапување на институциите од јавниот сектор по одлуката на Уставниот суд за „замрзнување“ на алатката „балансер“ при вработувањата во јавната администрација. Согласно со упатствата од МЈА, веќе започнатата постапка за вработување во институциите од јавниот сектор се прекинува ако се наведува во јавниот оглас припадност на заедница, а, пак, кандидатот се обврзува да истакне во пријавата припадност на заедница. Доколку не се наведува во огласот припадност на заедница, ниту, пак, се обврзува кандидатот да истакне во пријавата припадност на заедница, веќе започнатата постапка за вработување во институциите од јавниот сектор продолжува.

– Во врска со решението на Уставниот суд на Република Северна Македонија У. бр. 90/24 од 18 септември 2024 година, Министерството за јавна администрација даде насоки за постапување на институциите од јавниот сектор, опфатени во точката 1 од ова решение. Веќе започнатата постапка за вработување во институциите од јавниот сектор се прекинува ако јавниот оглас за вработување во институција од јавниот сектор е изготвен согласно со актите, односно одредбите што се опфатени во точка 1 од решението на Уставниот суд (т.е. во јавниот оглас се наведува припадност на заедница, а, пак, кандидатот се обврзува во пријавата да истакне припадност на заедница). Веќе започнатата постапка за вработување во институциите од јавниот сектор продолжува ако јавниот оглас за вработување во институција од јавниот сектор не е изготвен согласно со актите, односно одредбите што се опфатени во точка 1 од решението на Уставниот суд (т.е. во јавниот оглас не се наведува припадност на заедница, ниту, пак, кандидатот се обврзува во пријавата да истакне припадност на заедница) – соопштија денеска од Министерството.

Во Регистарот на вработени во јавниот сектор, како што посочуваат од Министерството за јавна администрација, не се евидентираат податоците за вработените во институциите.

На седницата одржана на 18 септември, уставните судии одлучија да отворат предмет за употребата на балансерот при вработувањата во јавната администрација. Во меѓувреме, додека да одлучат дали е уставен или не, балансерот ќе биде „замрзнат“.

На седницата, уставните судии расправаа дали со наведувањето на припадноста на заедницата, која е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „обврската на кандидатите за административни службеници во пријавата за вработување, меѓу другите лични податоци, да наведат и припадност на заедница“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.

Претседателот на Уставниот суд и судија известител по предметот, оформен по иницијатива од ДКСК, Дарко Костадиновски, по расправата по иницијативата, изјави дека балансерот ја исполнил својата цел и сега на ред се мерит системот и компетентноста, кои треба да бидат единствени критериуми за вработување и за унапредување. Тој потенцира дека апсолутно не зборуваат за укинување на нечии права.

По одлуката на Уставен за замрзнување на балансерот, министерот за администрација, Горан Минчев, порача дека Министерството прво ќе ја чека конечната одлука на Уставниот суд околу спорните законски одредби за вработувања во јавниот сектор по етничка линија, па потоа ќе донесе финална одлука дали ќе иницира до Владата ново законско решение, кое ќе овозможи правична застапеност врз основа на стручност и знаење, а не на партиски и на етнички кадри.

Одлуката на Уставниот суд да се поведе постапка за оценување на уставноста и на законитоста на балансерот предизвика реакции кај партиите на помалите етнички заедници во земјава, особено во албанскиот политички блок. Откако по долгата дебата и дискусија, која ги подели уставните судии во своите ставови, тие со гласање одлучија да донесат привремена мерка за „замрзнување“ на балансерот и до конечна одлука за неговата уставност да нема вработувања врз основа на овој механизам, односно вработувања по етнички клуч, албанските партии излегоа со негодување за оваа одлука и со различни обвинувања за заднината на одлуката.

„Замрзнувањето“ на балансерот ги вкрсти и копјата меѓу албанските политички партии. Од опозициската ДУИ обвинуваат дека оваа одлука ќе доведе до нарушување на меѓуетничките односи и на правичната етничка застапеност. Од Вреди, пак, ги обвинуваат лидерите на ДУИ за манипулации и прикривање на корупциските скандали и гарантираат дека „замрзнувањето“ на балансерот нема да го загрози правото на вработување на ниту еден Албанец ниту на припадниците на другите етнички заедници. Првиот вицепремиер, Изет Меџити, минатата недела изјави дека има усогласеност во Владата за закон за правична застапеност, само треба да најдат начин да има евиденција на етничката припадност во администрацијата без да се коси тоа со приватноста на информациите.

Антикорупциската комисија, на седницата одржана на 11 јануари годинава, одлучи да поднесе иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на алатката балансер, бидејќи сметаат дека со ова се прават злоупотреби при вработувањата. Според Антикорупциска, како подносител на иницијативата, со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните што припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со одредбите во членовите 9, 32 став 1 и 2, 54 став 1, 2 и 3 од Уставот. (В.С.Н.)