Играниот филм „Молкот на сирените“ во режија на Газменд Нела ја имаше Македонската фестивалска премиера на 23-ти септември во рамките на 13. Интернационален филмски фестивал во Тетово ОДА, каде жирито на натпреварувачката програма Cine Balkan Panorama му ги додели наградите Најдобар режисер и Најдобар актер за остварувањето на Сунај Рача.
Месецов, „Молкот на сирените“доби уште две награди: Најдобар балкански филм и Најдобар актер, исто така на Сунај Рача, на 16 издание на Интернационалниот филмски фестивал во Приштина – ПриФест.
Да потсетиме, „Молкот на сирените“ имаше Светска премиера на 20-ти октомври минатата година, во официјалната програма на реномираниот Интернационален Филмски Фестивал во Сао Паоло.
Приказната го следи Авни, сообраќаен полицаец во мало гратче во Косово. Тој и неговиот колега Гезим примаат ситно мито од возачите кои ги сопираат поради пребрзо возење. Една вечер, мислејќи дека ја прават вистинската работа, спроведуваат во полициска станица меѓународен обвинител, кој претходно се обидува да им побегне, возејќи под дејство на алкохол и со торба полна со готовина во автомобилот. Авни и Гезим се вплеткуваат во случај на корупција од голем размер.
Нашата истакната актерка Амернис Нокшиќи толкува една од главните улоги, а во филмот играат и: Сунај Рача, Рина Красниќи, Алмир Суходоли, Кумрије Хоџа, Нана Лимани.
Режисерот, Газменд Нела се потпишува и како автор на сценариото, а свој авторски придонес во филмот дадоа: кинематограферот Стефан Кути (Швајцарија), монтажерот Феликс Сандри (Швајцарија), компзиторот Борис Гетаз (Швајцарија), Филип Сиомпи (Швајцарија) како дизајнер на звук, сценографијата е на нашиот Влатко Чачоровски во соработка со Арбен Шала (Косово), костимографијата е на Иса Бушарла (Швајцарија) и Мрика Келменди (Косово).
„Молкот на Сирените“ е копродукција помеѓу: Фрејм, Иконе Студио (Косово), Алва Филм (Швајцарија), Скопје Филм Студио и Албаскај (Албанија), со поддршка од: Косовскиот Кинематографски центар, Швајцарска федерална канцеларија за култура, Свис Филмс, Лотери Романд, Швајцарска Радиотелевизија, Агенцијата за филм на Северна Македонија. Продуценти на филмот се Валон Бајгора, Арбен Шала, Брита Ринделауб, Томас Рајхлин, Томи Салковски, Паскал Семини, Газменд Нела.