Четириесет и еден отсто од лицата за јавни набавки во државните институции сметаат дека често има корупција во набавките. Најголем дел од нив велат дека најприсутна е корупцијата како последица на политичките интереси и оти поголем генератор на корупција се фирмите отколку луѓето во институциите.

Анализите на Центарот за граѓански комуникации покажуваат и дека 51 процент од фирмите што учествуваат во јавните набавки сметаат дека има корупција во набавките, а со неа лично се соочиле 23 отсто од компаниите вклучени во истражувањето.

– Јавните набавки во 2023 година достигнаа рекордно висока вредност и рекордно ниска конкуренција во последните 10 години. Склучени се договори за јавни набавки во вкупна вредност од 1,5 милијарда евра, што е 35 отсто повеќе од претходната година. Според мониторингот на јавни набавки, просечниот број понуди на тендер изнесувал 2,7. Во една третина од тендерите е добиена само по една понуда. Отсуството на конкуренција е последица на фаворизирачки тендерски документации и на загубената доверба на бизнис-секторот на фер натпревар на набавките – се вели во соопштението од ЦГК.

Според Центарот, индексот на рационалност открива големи разлики во цените по кои купуваат институциите исти производи и услуги. Така, на пример, исти лиценци за компјутерски софтвер се купувани по цени од 6.185 до 23.100 денари.

– Базата на податоци за јавните набавки на општините, пак, открива дека во 2023 година, општините потрошиле за набавки 40 отсто повеќе пари од претходната година и дека само десет фирми добиле 25 отсто од вредноста на сите тендери – покажуваат резултатите од истражувањето.