Сообраќајниот тунел над Битола е без светлосна сигнализација и е небезбеден

29

Сообраќајниот тунел на обиколницата Прилеп – Ресен, над Битола, е без светлосна и сообраќајна сигнализација и е небезбеден.

Учесници во сообраќајот реагираат дека оваа делница е фреквентна, а обиколницата се користи со максимална претпазливост, бидејќи, како што посочуваат, освен што е целосно неосветлен и без предупредувачка сообраќајна сигнализација, тунелот е и опасен, бидејќи низ него, во текот на денот, но и ноќе, се движи дел од локалното население.

За потсетување, пролетоска, жител од селото Ивањевци пријави дека, во близина на тунелот, неколку лица фрлале тврди предмети кон неговото возило и го оштетиле, а настанот беше евидентиран во сообраќајниот билтен на СВР – Битола.

Сообраќајниот тунел на битолската обиколница се наоѓа кај месноста викана Германски Гробишта, приодот по коловозот до тунелот често е неуреден, со расфрлани смет и со цврсти отпадоци. Последен пат беше интервенирано за подобрување на безбедноста во овој сообраќајниот тунел во октомври 2016 година.