Младите не само што нема да се вратат назад, туку ќе се зголеми процесот на иселувањето поради тоа што дигнавме рачна на евроинтеграциите. Тие не гледаат перспектива да останат во државата, а платата не е главна причина за иселувањето, туку многу други фактори како корупција, непотизам, партизација, нефункционирање на правниот систем, сметаат експертите. Едно од последните истражувања покажа дека 62 отсто од младите би се отселиле од Македонија доколку им излезе шанса, а 77 проценти не би се вратиле доколку се отселат.
-Поголем дел од оние кои заминале надвор од државата на работа или на студии нема да се вратат назад. Дополнителен проблем е запрениот евроинтеграциски процес кој сметам дека уште повеќе ќе го зголеми иселувањето на младите. Тие се иселуваат не само поради егзистенцијални причини, туку и поради вработувања со врски и партиски, меѓусебно непочитување, како и многу други фактори како мито, корупција, нефункционирање на правото…, вели за весникот ВЕЧЕР, Никола Велковски градежен експерт.
Според него, младите не гледаат перспектива да останат во државата, бидејќи во европските земји имаат подобри услови за живот, повисоко ниво на култура, ред и закони кои се почитуваат.
-Да се разбереме нема подобро од тоа да се живее во својата држава. Но за сметка на други погодности, младите го жртвуваат социјалниот живот. Подобри услови за живот и повисока плата која им овозможува не само да платат кирија за стан, туку и комотно да живеат цел месец, додава Велковски.
Праксата покажа дека штом еднаш ќе излезе од Македонија, квалификуваната работна сила веќе не се враќа назад, а бројките само го потврдуваат тоа.
-Нашите работници што подолго време работат во западните земји, се навикнати на тој начин на живот. Имаат многу погодности од кои не би се откажале така лесно, што беше една од причините поради кои се иселија од државата. Платите не се единствената причина за да се вратат, има тука и многу други фактори – изјави за весникот ВЕЧЕР, Ангел Димитров, од Организацијата на работодавци на Македонија.
Аналитичарите сметаат дека во вакви услови и со вакви плати, речиси е невозможно младите и работниците да се вратат назад во државата.
– Процентот на оние што би се вратиле назад е на ниво на статистичка грешка. Веќе платите не се пресуден фактор за останување во Македонија, туку целокупната ситуација. Високата корупција, криминалот, загаденоста, пропаста на секое поле само ќе го зголемуваат трендот на иселување на младите и на работниците. Носењето работници од Непал, Пакистан, Турција, само ги покажува глупоста и неспособноста за креирање каква било стратегија. Овие потези на долгорочен план ќе имаат фатални последици во менувањето на сликата и демографијата во Македонија – изјави за весникот ВЕЧЕР, Синиша Пекевски, економски аналитичар.
Од Владата порачуваат дека од следната година приоритет ќе биде не само да се задржат младите умови во државата, туку и голем дел од нив да се вратат.
– Следејќи го овој негативен тренд на заминување на младите од државата и нивно останување таму, резултираше со креирање на конкретни политики и стимулативни мерки од страна на оваа Влада, која се обврзува да ги реализира по секоја цена. Еден од главните приоритети на кои ќе работиме е отворањето на нови работни места за млади, кое може да се постигне преку поддршка за претприемништво и стартапи, обезбедување финансиска поддршка и грантови за млади претприемачи, како и обуки и менторски програми за развој на бизнис вештини, изјави министерот за социјална политика Фатмир Лимани.
Експертите сметаат дека за да се вратат младите треба да се подобрат условите за стопанисување во државата, да се реформира јавната администрација, која е целосно партизирана, да се подобрат образованието, здравството, инфраструктурата…
(А.С.)