ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Идеална љубов

29

Многумина си го поставуваат прашањето: Дали постои идеална љубов или, како и сè друго, и љубовта има рок на траење?

Античкиот писател Еврипид има кажано: Љубовта е најубавото и најболното нешто во животот.

Во голем број романи и поетски книги со најодбрани зборови се опејуваат идеалната љубов, приврзаноста и посветеноста на саканото лице.

Таџ Махал во Индија е изграден во името на безграничната и вечна љубов. Од преголема љубов и болка за загубата на својата сопруга Мумтаз Махал, која 1631 година починала при породување, царот Шах Џахан  наредил да се започне со изградба на најголемата гробница на светот.

Позната е љубовта со која Ана Глигоријевна го опсипувала својот сопруг Фјодор Достоевски, кој воден од своите хазардерски пориви, ја прокоцкал дури и нејзината бунда. Но, и покрај сè, таа искрено го сакала, му праќала пари и внимавала на него. Во романот „Ана Каренина”, писателот Лав Толстој го опишал љубовниот занес, кој создал голема жртва, а потоа и трагичен крај. Не можејќи да издржи во конвенционалниот, конзервативен и здодевен брак, Ана Каренина го напушта семејството и откако ѝ се распрснуваат надежите за идеална љубов, решава да стави крај на својот живот.

Во романот, Толстој го опишува вечниот копнеж на луѓето да доживеат идеална љубов. И во стварноста неретко се случува, едниот партнер да изврши неверство и да го напушти другиот, со цел да остане со лицето кон кое чувствува голема страст, силна емоција и љубовен интерес. Пред што било да преземат, корисно е овие личности да си го постават прашањето: дали навистина се работи за голема љубов или пред сè за нагонска привлечност, односно за флуид на енергии и силна сексуална желба?

Тоа се различни категории кои заемно се надополнуваат, но воедно може и да се исклучуваат. Имено, страстите се значајни состојки на колачот наречен љубов – страста е шеќерот, без кој секој колач е невкусен и блуткав.

Страста насочена кон успех, може да нè поттикне да создаваме креативни дела и да напредуваме во животот. Страста е потребна, но таа не е пресудна за градење хармоничен љубовен однос.

Во името на флуидот и страста, многумина се подготвени да доживеат љубовна авантура, која многу лесно може да ги извади од колосек и да ги насочи кон погрешната патека на животот. За разлика од нагонската привлечност, сродната љубов бара време и мора да помине низ стадиумот на емоционалното, менталното и духовното поврзување. Но, реално гледано, ако недостига силна сексуална желба, тогаш многу потешко ќе се воспостави суштинската компатибилност помеѓу партнерите.

Многу често се случува партнерот да создава и буди сигурност, стабилност и посветеност, но не и високо ниво на страст и возбуда. И како што некои мажи забележуваат: „Не вреди што е убава штом кога водиме љубов сè е монотоно, здодевно и неинвентивно. Со бившата партнерка имаше моќна страст, но и голема несигурност, зашто не бев сигурен до кога ќе биде со мене и дали ќе биде само со мене”.

Асоцијацијата е дека без оглед на нивото на емоционална блискост, верност и посветеност, сепак во многу врски недостасува „шеќерот” на љубовта, а тоа е страста. Постојат и ситуации кога во односот со партнерот постои флуид и страст, но недостига сигурност и стабилност, кои се исто мошне битни за градење перспективна љубовна заедница. Многумина се разјадуваат со дилемите: дали предност да му се даде на умот, на срцето или на нагонските импулси на телото?

Сексуалните афери, познати и во јавноста, на поранешните американски претседатели Џон Кенеди и Бил Клинтон најдобро го покажуваат влијанието на нагонот и страстите врз разумот на човекот. Тотално предадени на ниските страсти, тие манифестирале неразумно, неморално и деградирачко поведение. Од друга страна, нивните сопруги Жаклина Кенеди и Хилари Клинтон покажаа дека волјата за моќ е многу посилна од чистиот образ, така што неверствата на своите сопрузи ги компензираа со потребата да бидат значајни, моќни и експонирани први дами на САД.

Во име на децата и семејството или на материјалното, егзистенцијалната сигурност, статусот, емоционалната несигурност и стравот од осаменост, многумина се определуваат да го поднесуваат неверството на партнерот. Го трпат поради одредена цел, но дали вистински го сакаат и почитуваат? Дали и покрај константното изневерување на сопругот, Хилари Клинтон и понатаму вистински го сака Бил Клинтон, тешко е да се одговори. Но, според пишувањето на одредени весници, при напади на бес, таа често го гаѓала со разни предмети и го тепала со шлаканици.

Жаклина Кенеди уживала во функцијата прва дама на САД, за разлика од принцезата Дијана, која во преден план ги поставила домот и семејството. Таа не била исклучиво и по секоја цена настроена да стане дел од естаблишментот и најмоќната аристократија, нејзина идеја водилка била емоцијата, припадноста и семејната хармонија. Иако мажена за принц, што претставува врвен сон за многу дами, Дијана воопшто не се чувствувала среќна и исполнета, туку несреќна и заробена во психофизичкиот кафез во кој се наоѓала.

Излезот е најчесто таму каде што е влезот, така што ако проблемите произлегуваат од невозвратената љубов, излезот може да се пронајде исклучиво во доживеаната и споделена љубов.  Откако сфатила дека принцот Чарлс константно ја изневерува со Камила Паркер, и самата извршила чинови на неверства, со што целосно ја деградирале моралната клетка на брачниот однос и тотално се отуѓиле еден од друг.

Сите жени не се исти, така што некои го потиснуваат егото и водени од амбициите и желбата за статусно напредување, умеат да ги контролираат своите емоции. Таков пристап негувала Жаклина Кенеди, која иако била свесна дека нејзиниот сопруг ја изневерува, сепак поради „повисоки цели” опстојувала во брачниот однос.

Тука дадовме примери на профили на жени кои имале дијаметрално различни пристапи кон прашањата поврзани со брачните неверства, асоцирајќи дека не постојат општи правила и строги шаблони на однесување, кога се работи за љубовни односи. Впрочем, ако постои област за која повеќето сметаат дека се експерти, тоа е љубовта. На крајот, така и треба да биде, зашто секој е владетел на сопствениот живот и избира како ќе се постави и на кој начин ќе се однесува при одредени животни ситуации. Затоа, не треба да бидеме преголеми пуританци и да ги осудуваме постапките направени во името на љубовта. Но, притоа треба добро да размислиме – дали се впуштаме во односот зашто чувствуваме вистинска љубов или само поради нагонска привлечност?

Водени од импулсите на страста, многумина погрешно процениле и ја уништиле перспективата на семејството или пак, се деградирале самите себеси, бидејќи наивно поверувале дека се работи за вистинска љубовна поврзаност.

Тешко е да се изгради хармоничен љубовен однос, но тој однос уште полесно може да го девалвираме и уништиме, доколку непромислено им се предадеме на ниските страсти и неверствата. Затоа, неопходно е постојано да размислуваме за последиците, сериозно да пристапуваме, да се себенабљудуваме и да сфатиме дека љубовта е најмистичната, најенигматичата вредност – колку и да мислиме дека ја познаваме љубовта, на крајот може да откриеме дека за неа ништо не сме знаеле.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)