Со изложбата на дигитални цртежи од Владимир Мартиновски „Сенката на звукот“ се отвора 14-тата манифестација „100 илјади поети за промена“

17

Во Струмица вечерва глобалното движење „100 Thousand Poets For Change“, во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ ќе го реализира 14. издание на поетската манифестација „100 илјади поети за промена“ со почеток во 19:00 часот во НУ „Завод за заштита на спомениците од културата и Музеј -Струмица“.

Манифестацијата ќе започне со отворање на изложбата на дигитални цртежи „Сенката на звукот“ на професор Владимир Мартиновски, а потоа со промовирањето на годинешниот зборник „100 Илјади поети за промена“ ќе се одржи поетско читање на дел од застапените поети.

– Mанифестацијата има за цел да се шири и да ги мобилизира сите поети ширум светот, а досега во Македонија се вклучуваат сите оние кои сакаат и имаат волја да бидат промената која сакаат да ја видат во светот или најмалку во себе, односно околу себе, велат организаторите.

Темите кои се најчеста инспирација за авторите и поетите кои учествуваат на манифестацијата, како што велат организаторите, обработуваат проблеми поврзани со општествениот и социјалниот живот, мирот, заштитата на природната околина, заштитата на планетата Земја. Проблеми поврзани со глобалното затоплување, со ранливите општествени групи.

-Преку овој проект ќе се согледа дали поезијата е доволно моќна да иницира позитивни промени во државите, промени во начинот на размислување, во односите меѓу луѓето. Да се промени гледиштето на светот со зборови, мисли, поезија, размислувања и разговори со самите себе, внатрешни промени наспроти големата слика, додаваат организаторите.

Изложба на дигитални цртежи насловена „Сенката на звукот“ на проф. Владимир Мартиновски е негова трета изложба на дигитални цртежи од овој циклус, а се состои од 12 цртежи (дигитален принт) кои тематски ја поврзуваат музиката, поезијата и ликовниот израз на Мартиновски. Под влијание на музичките фестивали кои редовно ги посетува, тој најде инспирација неговите емоции, чувства и размисли визуелно да ги изрази преку создавањето на овој циклус дела. Оваа изложба е своевидна презентација во која се вкрстуваат две негови пасии: музиката и сликарството.

Дигиталните цртежи визуелно го слават чинот на музицирање, во обидот на ликовен начин да се доловат различни мелодиски и ритмички структури. Освен со дигитални цртежи тој се има претставено со уште две изложби, на фотографија и цртеж, во моментот има тековна изложба во Шибеник, Србија, а во тек е подготовката на неговата нова изложба на акрилни дела.

Манифестацијата е поддржана од градоначалникот Костадин Костадинов и Општина Струмица