Вештачката интелигенција без грешка го решава тестот на Google кој разликува човек од робот

107

Истражувачите од Швајцарскиот федерален институт за технологија (ETH) во Цирих успешно го решија тестот reCAPTCHAv2 на Google, кој се користи на веб-страниците за да се утврди дали корисникот е човек или робот, со помош на вештачка интелигенција.

Во научниот труд се наведува дека вештачката интелигенција сега може да реши 100 отсто од ваквите тестови, додека претходно стапката на успех беше меѓу 68 и 71 отсто.

Корисниците на интернет веќе се запознаени со таканаречените CAPTCHA тестови, во кои компјутерот бара од нив да обележат квадрати кои содржат одредени предмети како семафори, автомобили и велосипеди, како и да внесат неколку букви кои се прикажуваат на искривена фотографија

Научниците, исто така, заклучија дека тестот reCAPTCHAv2 во голема мера се потпира на податоците од колачињата и историјата на прелистување кога проценуваат дали корисникот е човек или не.

„Нашите заклучоци претставуваат клучен момент во тековниот дијалог помеѓу можностите на вештачката интелигенција и дигиталната безбедност“, се наведува во изврштајот. Истражувачите нагласуваат дека captcha технологиите мора активно да се развиваат за да останат чекор понапред од растечките способности на вештачката интелигенција.