Дефицитот ги зголеми побарувачката и платата на мајсторите во државата. Дојдовме во ситуација мајсторите да земаат поголеми плати од професорите. Експертите велат дека дошло нивното време и дека сега ќе го наплатат и тоа што не им било платено во минатото. Некои, пак, сметаат дека дел од мајсторите ја злоупотребуваат ваквата ситуација и наплаќаат двојно. Освен електричарите, занаетчиите, водоводџиите, и обичните градежни работници не фаќаат мистрија без 2.000 евра плата. Економските аналитичари велат дека во Македонија сега владеат други правила и дека водоинсталатерите и електричарите заработуваат многу повеќе од докторите на науки.
– Мајсторите ја користат моменталната ситуација со дефицит на ваков кадар на пазарот. Па нормално е кога е понудата мала, а побарувачката голема, платата да е висока. Дојде нивното време. Никој не ни е виновен што сме дошле до ова дереџе, да немаме мајстори. Тие ја користат ситуацијата и дебело си го наплаќаат трудот. Има мајстори што велат дека не фаќаат мистрија под 2.000 евра – вели за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски од Сојузот на синдикати на Македонија.
Бидејќи се многу барани, работат прекувремено, дополнителна работа, а некои од нив работат и по две-три работи за да заработат. Секако, го користат моментот дека ги нема, а она што го нема е скапо.
– Моментално, мајсторите во државата земат поголеми плати од професорите. Моменталните плати на професорите на факултетите се од 40 до 60 илјади денари. Ако порано земале плати во висина колку пет минимални плати, сега земаат нешто повеќе од една просечна плата. Големиот број универзитети и малиот број студенти доведоа до промена на ваквата ситуација во државата, мајсторите да се поплатени од високообразовните кадри – појаснува Пешевски.
Никола Велковски, градежен експерт, вели дека речиси и да нема добри мајстори во градежништвото и во занаетчиството.
– Мајсторите кај нас се поплатени од многу висококвалификувани позиции во државата. Добрите мајстори имаат многу висока цена и тие го користат моментот да заработат повеќе. Ние увезовме работници од Непал, Бангладеш… но тие не ја знаат работата и не може да работат како нашите работници. Тие може да работат обични работи како товарење, истоварање и други работи во нискоградбата. Од друга страна, нашите мајстори ги уценуваат газдите и бараат повисоки плати или одат надвор – вели Велковски за ВЕЧЕР.
Тој додава дека нашето образование не продуцира млади кадри за потребите на занаетчиството и на градежништвото, па поради тоа тие што се тука, наплаќаат дебело.
Економските аналитичари велат дека во Македонија сега владеат други правила и дека водоинсталатерите и електричарите заработуваат многу повеќе од докторите на науки.
– Македонија е земја на парадокси, владините политики доведоа квалификуваните и образованите кадри да ја напуштат Македонија и сега веќе владеат други правила. Па затоа не треба да нè чуди што заработуваат водоинсталатерите и електричарите многу повеќе од докторите на науки, докторите по медицина и сл. Сите економски параметри што владеат во економијата кај нас, не владеат и тоа е сè поради невреднување на квалитетот и на образованието – изјави Синиша Пекевски за ВЕЧЕР.
Сепак, ваквата ситуација, како што велат експертите, од друга страна, ги демотивира младите да се образоваат повеќе и да одат напред.
(А.С.)