Во Соединетите Американски Држави е извршено второ погубување со употреба на азот, метод што американските и европските ветеринари го сметаа за неприфатлив за еутанизација на повеќето животни.
Методот е применет кај Алан Милер (59), обвинет за убиство на три лица. Тој беше прогласен за мртов во четвртокот во 18:38 часот по локално време во затвор во јужна Алабама.
Смртоносниот метод вклучува поставување маска за респиратор на лицето и пуштање чист азот, при што недостигот на кислород предизвикува смрт од задушување.
Според изјавите на сведоците, последните зборови на Милер биле: „Не направив ништо за да бидам овде“ и „Не направив ништо за да бидам осуден на смрт“.
Милер беше погубен поради убиство на тројца соработници во 1999 година – Ли Холдбрукс, Кристофер Скот Јенси и Тери Џарвис.
„Вечерва конечно беше задоволена правдата за овие три жртви, неговите постапки не беа резултат на лудило, туку на чисто зло. Неговите грозоморни злосторства засекогаш променија три семејства и се молам тие да најдат утеха после сите овие години“, рече гувернерката на Алабама, Кеј Ајви.
Првата егзекуција со азот беше извршена во јануари, исто така во Алабама.