Итно да се спроведе меѓународното законодавство за Охридското Езеро и Студенчишко Блато

32

Граѓанските организации го поздравија повлекувањето на Предлог-законите за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата и Студенчишко Блато за парк на природата од собраниска процедура, но истакнаа дека сè додека не се финализира процесот не се спроведени меѓународните договори, Уставот и Законот за управување со Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион

Седумнаесет организации испратија барање до премиерот Христијан Мицковски и министерот за животна средина, Изет Меџити итно и во консултации со експертската јавност и граѓанските здруженија да се спроведе ревизијата на студиите за валоризација на Охридското Езеро и Студенчишкото Блато и да се финализира процесот на прогласување на заштитените подрачја.

Граѓанските организации го поздравија повлекувањето на Предлог-законите за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата и Студенчишко Блато за парк на природата од собраниска процедура, но истакнаа дека се додека не се финализира процесот не се спроведени меѓународните договори, Уставот и Законот за управување со Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион.

– Итното спроведување на препораките на Бернската конвенција и одлуките на Комитетот за светско наследство не е само неопходен предуслов за воспоставување на ефективна и ефикасна правна заштита на Охридското Езеро и Студенчишкото Блато кои подолго време се во алармантно лоша состојба, туку и неодвојлив дел од стратегиската цел на Владата за владеење на правото и воспоставување на правна држава. Ставот на организациите е дека доколку Владата и надлежното министерство не ги спроведуваат доследно Уставот и законите, правната држава не е ни на повидок – велат организациите.

Барањето го потпишаа: „Фронт 21/42“, Центарот за правни истражувања и анализи, Македонско здружение на млади правници, Граѓанска иницијатива „Охрид ЅОЅ“, Институт за комуникациски студии, „О2 иницијатива“, Центарот за истражување и креирање политики, „Еко-живот“, Движењето на екологисти на Македонија, Новинари за човекови права, Балканска водна мрежа, „Еко логик“, ЕЗ „Здрава котлина“ – Струмица, Националниот ромски центар – Куманово, Институтот за демократија, Здружението за социјални иновации и одржлив развој  „Радар“ и „Го сакам Водно“.