Спортската сала „Партизан“ во Чаир, која е оставена на забот на времето и се наоѓа во катастрофална состојба, ќе биде темелно реновирана и повторно ќе го врати својот сјај.
Ова го најавија, при посетата на објектот, претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, заедно со градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, и министерот за спорт, Борко Ристовски.
Ѓорѓиевски истакна дека реновирањето на салата „Партизан” ќе значи многу за сегашните и за идните спортисти.
– По завршувањето на градежните активности, ќе добиеме репрезентативен објект, кој ќе создаде услови за подобро спортување и за развој на младите таленти. Овие инвестиции не само што овозможуваат обнова на спортската инфраструктура во сите општини туку создаваат и услови за развој на здравa и активнa младина, која е темел на нашата иднина – изјави Ѓорѓиевски.