Град Скопје доделува субвенции за замена на азбестните покриви

7193

Град Скопје ќе им доделува субвенции на граѓаните за замена на азбестните покриви, за 2024 година. За таа цел, распишан е јавен повик, кој ќе трае до 10 октомври 2024 година или до исцрпување на средствата предвидени за таа намена.

Субвенцијата од Град Скопје е во висина од најмногу 50 % од вредноста на инвестицијата, но не повеќе од 100.000 денари за лице/барател, од вкупниот износ на вредноста потребна за замена на азбестниот покрив, со вклучен данок на личен доход. За таа цел, од буџетот на Град Скопје се обезбедени вкупно 1000.000 денари.

Право на учество на јавниот повик имаат граѓаните, жители на Градот Скопје, (во општините: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари), што ќе ги заменат азбестните покриви, што ги исполнуваат условите од јавниот повик и ја доставиле потребната документација.

Барателот може да започне со замена на азбестниот покрив, по претходно добиено известување за потенцијален корисник.

Замената на азбестниот покрив треба да биде завршена најдоцна до 8 ноември 2024 година, за што, како доказ, учесникот на јавниот повик е должен да ги достави потребните документи.