„Паметење, заборавање и други важни нешта“ е насловот на најновата книга на современиот македонски политиколог, дипломат и професор, д-р Васко Шутаров, во издание на „Макавеј“. Во изборот текстови од новото издание на Шутаров може да се најдат неговите колумни објавени во последните две години (во периодот од август 2022 до август 2024 година).

„Шутаров прави спој, амалгам на историските факти, го бележи совремието, ги става работите во контекст, прави паралели, но отворено и искрено, вметнува и многу лични моменти, кои им даваат на неговите колумни топла нишка што читателите секогаш ја препознаваат и ја поздравуваат“, истакнува рецензентката Сребра Ѓорѓијевска.

Таа се повикува и на она што го рече писателот Бранко Цветкоски за неговите први две книги колумни, на промоцијата во Гевгелија: „Како што зрачи од овие две книги на Шутаров вербата во моќта на човечкиот разбор и на слободниот човечки избор во животот така зрачи и вербата во моќта на културата и на културната дипломатија, со која тој е уверен дека може да се објаснат и политичките појави и процеси што тешко се објаснуваат! А, како доктор на политички науки и како човек што едно време се занимавал со жива политичка практика, уште толку е убеден дека нема добри политички практики без добри културни политики и практики, како ни добри и успешни политичари без политичка култура во меѓусебната комуникација, без уважување и поклон кон културата, воопшто“.

Книгата може да се купи во е-продавницата на издавачката куќа

„Макавеј“ и од 15 октомври, во книжарниците низ Скопје.

Васко Шутаров е роден на 9 јуни 1964, во Кавадарци. Во 1989 година, дипломирал на Факултетот за политички науки во Белград, на насоката по дипломатија. Магистрирал во областа правни науки и применета дипломатија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и докторирал во областа политички науки на тој Универзитет. Неговиот научен интерес ги опфаќа областите: политички науки (со посебен интерес за меѓународните политички односи), меѓународни културни односи, јавна, културна и дигитална дипломатија.

Автор е на бројни научни трудови и на книгите: „Јавна и културна дипломатија“ („Панили“, 2014); „Публична и културна дипломатија“ („Изида“, Софија, 2016); „Културна дипломатија на СФРЈ и културните дипломатии на државите наследнички“ („Софија“, Богданци, 2019); „Со зрно сол. И парче локум: карантински колумни и есеи“ („Макавеј“, Скопје, 2021); „Кога татковината станува чедо, а вистината – борба! (колумни и есеи)“ („Макавеј“, 2022); „Паметење, заборавање и други важни нешта: (колумни август 22’ – август 24’, „Макавеј“, 2024).