Повикуваме заеднички да обезбедиме непречен пристап и движење на лицата со посебни потреби

20

Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Гевгелија, во координација со заедницата на здруженијата на инвалидски организации на телесни инвалиди, слепи и глуви лица и лица со интелектуална попреченост, на заеднички средби ги разгледуваат повеќето прашања што ги засегаат овие категории граѓани и се договараат како да најдат решенија за некои од нивните проблеми. Околу прашањето за состојбата со изграденоста на архитектонски бариери за лицата со посебни потреби во Општина Гевгелија, неодамна разговаравме со директорката на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Гевгелија, Васка Илиева. – Имајќи го предвид правното уредување, кое потврдува дека секоја држава е обврзана да ги приспособи архитектонските барања според потребите на сите граѓани и претходно утврдените стандарди и правила за обезбедување што поголема пристапност на граѓаните до јавните објекти, повикуваме заеднички да обезбедиме непречен пристап и движење до и во градбата за лицата со посебни потреби, во објектите како: образовни институции, здравствени установи, државни установи, станбени објекти, спортски и културни установи – потенцираше Илиева во интервјуто за весникот ВЕЧЕР

 

Директорке, каква е состојбата со архитектонските бариери за лицата со хендикеп во Општината?

Aрхитектонските бариери во јавните институции за лицата со хендикеп се општествен проблем, кој е присутен во секоја од општините, па и во Општина Гевгелија. Лицата со посебни потреби постојано повикуваат за надминување на архитектонските бариери во секојдневниот живот и во таа насока, ја нагласуваат потребата од овозможување архитектонска пристапност, како и изграденост на архитектонските бариери.

Имајќи го предвид правното уредување, кое потврдува дека секоја држава е обврзана да ги приспособи архитектонските барања според потребите на сите граѓани и претходно утврдените стандарди и правила за обезбедување што поголема пристапност на граѓаните до јавните објекти, повикуваме заеднички да обезбедиме непречен пристап и движење до и во градбата за лицата со посебни потреби, во објектите како: образовни институции, здравствени установи, државни установи, станбени објекти, спортски и културни установи.

Архитектонска пристапност, посочуваат лицата со посебни потреби, подразбира целосен пристапен влез и рампа, пространа површина во јавните установи за движење со количка, лифт за пристапност до вториот кат, овозможен паркинг- простор наменет за лицата со посебни потреби, обележан со соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, овозможени тактилни патеки и звучни семафори за лицата со оштетен вид, соодветно осветлување во јавните установи за лицата со оштетен слух.

Каква е состојбата со пристапните рампи на објектите во Општина Гевгелија?

Иако во повеќето јавни институции е решен проблемот со пристапните рампи, сепак, во некои сè уште нема такви рампи, како некои банки, индивидуални згради, супермаркети, а тука би ги споменала и верските храмови. Покрај пристапни рампи до објектите, неопходно е и обележување посебен паркинг-простор, со што би им се овозможила полесна пристапност на овие лица. Затоа, од нашите средби произлезе препораката Општина Гевгелија да ги задолжи институциите на локално ниво со планирање и предвидување финансиски средства за изградба на архитектонска пристапност за лицата со посебни потреби.

При изградбата на станбени објекти, инвеститорите да предвидат, покрај изградба на пристапни рампи на влезовите, и изградба на лифтови, со што би им се овозможила полесна пристапност на овие лица до домот.

Поголем дел од институциите, покрај приземје, имаат и канцеларии на кат, каде што нема можност за физички пристап. Неопходно е да се разгледаат можностите за изградба на лифтови или на подвижни скали. Во краен случај, бидејќи тоа се сериозни зафати од финансиски аспект, а некаде нема можност за доградба поради просторно ограничување, да се постават домофони, односно механизам за повик. Во таков случај, во секоја институција да се одреди лице од вработените кое би интервенирало на повик од лице со попреченост, на самиот влез, со цел исполнувања на барањата на овие лица.

Што е со хоризонталното и со вертикалното обележување на паркинг-просторите за лицата со попреченост?

Иако постојат неколку локации во Општината со обележани паркинг-простори за лицата со попреченост, често пати се злоупотребуваат од несовесни возачи. Од тој аспект, потребна е поголема контрола од сообраќајната полицијата за предупредување и нивно санкционирање. Секоја институција треба да овозможи посебен паркинг- простор за овие лица.

Исто така, потребно е да се интервенира на повеќе тротоари во поширокото градско подрачје, со цел непречено движење со помош на колички, но и за лицата што се движат со помош на патерици и други помагала. Тука, пред сè, се мисли на спуштање на рабниците на тротоарите на раскрсниците, односно од почетокот на улицата, и на крајот да можат непречено да се движат овие лица.

Затоа е побарано од претставниците од Одделението за урбанизам и комунални работи, во соработка со сообраќајната полиција, инспектор за сообраќај и претставници на Здружението на телесни инвалиди, да излезат на самото место, со цел да се утврди кои тротоари, каде е најнеопходно да се направат овие градежни зафати за спуштање на рабниците на тротоарите на улиците, со цел непречено движење со инвалидски колички.

 Какви барања имаат лицата со оштетен слух и оние со оштетен вид?

За лицата со оштетен слух и говор, треба да се разгледа можноста да има барем еден толкувач на ниво на локална самоуправа што би се ангажирал за комуникација со овие лица во институциите каде што имаат потреба за задоволување на нивните потреби. За лицата со оштетен вид, проблемот е немањето тактилни патеки во градот, а, пред сè, на локации кои се најкористени од нив. Тука се мисли на објекти и институции, како и на ЈЗУ Општа болница, кои почесто ги користат. Со тоа, сметаме дека значително би се надминале бариерите за лицата со попреченост.

На крајот на овој наш разговор, сакам да потенцирам дека градењето инклузивно општество подразбира приспособување на општествената средина според потребите на граѓаните. Бројни примери од минатото покажуваат за еден спротивен пристап, каде што граѓаните ги приспособувале своите потреби според општествените услови. Свесноста за промени во општеството во правец на инклузија на сите групи, особено на лицата со попреченост, е обврска на локалната самоуправа институциите, граѓаните и на бизнис-секторот.

(Љ.А.)