Украина ќе добие ново оружје: Што се лизгачки бомби и како функционираат?

714
Можеби најзначајниот дел од новиот пакет помош од САД, кој американскиот претседател Џо Бајден го објави денеска за Украина, се т.н. лизгачки бомби.

Тоа е оружје кое Русија го користи веќе извесно време во војната, а Киев го сака долго време. За што се работи?

Воздухопловните сили на САД ги опишуваат како „немоторизирано оружје што се користи за уништување на цели со висока вредност“. Долги се 3,65 метри, дијаметар од 45 сантиметри и тежина од околу 1133 килограми. Секоја бомба чини до 245.000 долари, што значи дека се поевтини од балистичките и крстаречките ракети кои Русија редовно ги истрелува кон Украина. Како што сугерира нивното име, тие имаат крила кои можат да се вовлечат или извлечат, што им помага да стигнат до цели оддалечени повеќе од 112 километри.

Тие можат да бидат истрелани од борбените авиони Ф-16 кои Украина исто така неодамна ги доби од САД. Извештаите од западните аналитичари сугерираат дека лизгачките бомби ќе бидат опремени со касетна муниција.

Како функционираат тие?

Овие бомби се опремени со можности за сателитско наведување кои им помагаат да се движат во сите услови, дење и ноќе, но и за време на лоши временски услови.

Операторот може да ги води со далечински управувач по лансирањето од авионот, но може и претходно да се „фиксираат“ на цели, кон кои потоа автоматски ќе се водат. Нивните крилја се обликувани како буквата X, што им помага да се лизгаат низ воздухот и прецизно да го следат патот до целта.

Нивниот распон на крилјата е околу метар и половина.