Градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски го оцени за успешен јавниот повик за финансирање општински проекти, но сепак, ќе се чека на крајниот резултат за кој смета дека ќе биде решение за децениски проблеми на општините и граѓаните.
- Со средствата од Владата конечно ќе се решат децениски проблеми кои пред се’, се поврзани со подземната инфраструктура, поврзани со проблеми кои самите општини, посебно оние помалите низ Македонија, не можеле да ги решат иако имале изготвен проект – рече Ѓорѓиевски во рамки на настанот за зајакнување на капацитетите на општините за искористување на капацитетите и зголемена децентрализација.
Тој смета дека многу проблеми ќе бидат решени во образованието преку изградба на нови училишта, додека преку изградба на нови градинки ќе се реши недостигот на слободни места. Запрашан дали поради задолженоста на општините смета дека треба да се намали бројот на единици на локалната самоуправа, Ѓорѓиевски кажа дека актуелната организација на општините е добра, но она што претставува проблем е тоа што одредени раководни лица немаат добри менаџерски способности.
– Добра е организацијата на општините, со минорни недостатоци кои не повлекуваат намалување на бројот на единици на локалната самоуправа. Проблемите се индивидуални, односно, некои поединечни раководни лица немаат менаџерски капацитети. Како пример, секогаш ја наведувам мојата општина Кисела Вода, која ја наследив со долг од 3,5 милиони евра и која долги години наназад имаше нерешени проблеми. Со добра организација и менаџмент се постигнува резултат и тоа е изводливо во секоја општина – рече Ѓорѓиевски.
Смета дека во минатото се направи грешка од една претходна влада, кога се доделија средства на општините за раздолжување.
– Тоа дополнително мотивираше поединци недомаќински да ги третираат буџетите и доведени во една состојба на комоција, дополнително да се задолжат после тоа. Ова е вистинскиот клуч, вистинскиот начин на кој треба да се распределат средствата од Владата. Тие да бидат наменски за проекти. Се’ останато ќе остави простор во кој градоначалникот може да биде доведен во состојба на комоција што наместо проекти, може да генерира нови долгови и задолжувања, како што имало бројни примери во минатото – изјави Ѓорѓиевски.
Според него, има доста успешни и помалку успешни општини, но верува во капацитетите на градоначалниците низ Македонија.
– Градоначалниците работат заеднички постојано трудејќи се да ги надминат децениските проблеми. Очекувам драстично да се подобрат состојбите по потпишувањето на Меморандумот за соработка со новата Влада, чекор на кој се чекаше 21 година – констатираше Ѓорѓиевски.