Фотоволтаиците во клонот „Пепелашка“ заштедуваат 50% на сметките за струја

17

Фотоволтаиците на покривот на градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ – клон „Пепелашка“ заштедуваат 50% од потрошувачката на електрична енергија. Тоа се првите фотоволтаици поставени преку трговско друштво за продажба и производство на струја „Енергија Центар“ на Општина Центар, минатата година во август.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски во телевизиско гостување изјави дека неодамна општината поставила и нови фотоволтаици на ООУ „Киро Глигоров“ каде покрај покривањето на трошоците очекува и продажна на вишоци од прозиведена електрична енергија.

– Овде станува збор за поголем капацитет за поголеми киловати и очекуваме овие фотоволтаици набрзо да бидат пуштени. Чекаме да ја добиеме лиценцата од Централен регистар, да се впишат во ЕВН и истите да почнат со работа. Целта ни е и да произведуваме за потребите на училиштето, но и вишоците од електрична енергија да бидат продавани во систем и сите оние средства коишто во минатото се трошеле непотребно за електрична енергија да ги трошиме за други цели како детски игралишта, спортски игралишта доопштемување на училиштата и слично – истакна Герасимовски.

Тој најави дека во наредниот период е планирано да се постават фотоволтаици на во останатите училишта: „Кочо Рацин“, „11 Октомври“ и да се продолжи во сите објекти коишто се под капата на општината.