Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и дел од тимот на Народната банка остварија средба со високи претставници на Светскиот совет на кредитните унии, на кредитните унии од ЕУ и САД, како и со претставници од Штедилницата ФУЛМ.

На средбата беше истакната заложбата на Народната банка за јакнење на стабилноста на финансискиот сектор, како столб на макроекономската стабилност, преку низа мерки и политики. Гувернерката Ангеловска-Бежоска нагласи дека одржувањето силен и отпорен финансиски сектор ќе биде приоритет на Народната банка и во следниот период, што е клучен предуслов за одржувањето на финансиската стабилност.

– Во услови на неизвесно макроекономско окружување, макропрудентната политика на Народната банка и натаму е насочена кон намалување на системскиот ризик и јакнење на отпорноста на финансиските институции на шокови, со што се придонесува за одржувањето на финансиската стабилност –  посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.

На средбата, претставниците на Светскиот совет на кредитните унии посочија примери за работењето на кредитните унии во САД, Ирска, Романија, Полска, Хрватска, при што беа истакнати можностите и предностите коишто ги обезбедува дигитализацијата на финансиските услуги кај ваквите институции за своите членови.

Претставниците на Светскиот совет на кредитните унии коишто учествуваа на состанокот искажаа благодарност до Народната банка за досегашната успешна соработка во рамките на активностите за обезбедување подобар пристап до финансиски услуги на граѓаните од нашата земја.