Ердоган пред Генералното собрание на ОН повика на „сојуз на човештвото“ за запирање на геноцидот во Газа

66

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите нации повика на „сојуз на човештвото“ за да се запре геноцидот што го изврши Израел во Појасот Газа, наведувајќи дека вредностите на системот на ОН и Западниот свет „умира“ во Газа.

Ердоган, исто така, ги критикуваше ОН дека не ги спроведуваат своите овластувања во последниве години и го повика Советот за безбедност да го спречи геноцидот врз палестинскиот народ во Појасот Газа и да престане со, како што рече, „угнетувањето и варварството“.

Турскиот претседател се запраша што чекаат ОН за да се запре мрежата на масакри што го вовлекува целиот регион на Блискиот Исток во војна.

„Израелската администрација, не почитувајќи ги основните човекови права, врши етничко чистење и отворен геноцид врз една нација и ги окупира нејзините земји. Токму како што Хитлер беше запрен од сојузот на човештвото пред 70 години, Нетанјаху и неговата мрежа на убиства мора да бидат запрени од сојузот на човештвото“, рече Ердоган.

Тој ги повика земјите кои не ја признаваат Палестина што поскоро да ја признаат палестинската држава за да бидат на вистинската страна на историјата во овој критичен период.

„Воспоставувањето на независна, суверена и географски интегрирана палестинска држава, со источен Ерусалим како главен град, не може повеќе да се одложува. “, рече Ердоган.

Според неговите зборови, ОН во последните години несоодветно ја исполнила својата основачка мисија и се повеќе се претвора во нефункционална, гломазна и инертна структура.

„По израелските напади, Појасот Газа стана „најголемите гробишта на деца и жени во светот“, рече Ердоган.

Тој ги повика и меѓународните медиумски организации да реагираат на убиствата на новинарите во директните преноси од страна на израелската армија.