На 9 октомври во 19 часот, на сцената на Националната опера и балет, во Скопје, публиката ќе има можност да ја проследи премиерата на комедијата „Жени во црвено“. Оваа претстава на ЈЕС продукција е работена според текстот на Давор Шпишиќ и во режија на Бојана Лазиќ.

Комедијата „Жени во црвено“ зборува за четири жени чија сурова и апсурдна реалност во која живееме доведува до неверојатен расплет. Поранешната стјуардеса Тамара и нејзината невработена сестра Нора се во долгови и немаат пари да го платат станбениот кредит. Динка, службеничка во банката доаѓа да им го конфискува имотот, но таа наидува на силен отпор. Сестрите спремни на сè да го  задржат покривот над глава, ја земаат правдата во свои раце. Ситуацијата станува се покомплицирана, оди во „црвено“ кога вооружените специјалци ја опкружуваат зградата. Тогаш на местото на настанот стапува Анѓа, полицајка со својот горлив проблем. „Жените во црвено“ на хумористичен начин зборуваат за сериозна ситуација во која може да се најде секој од нас, но зборуваат и за тоа како секој проблем може лесно да се реши кога сите ќе ги здружат силите и како благородноста, пријателството и искрените емоции можат да ги помират завојуваните страни.

Во главните улоги ќе ги видиме: Олга Одановиќ како Тамара, Дубравка Мијатовиќ ќе ја глуми Нора, Анастасија Мандиќ ќе ја толкува улогата на Динка, а Сена Ѓоровиќ пак, ќе настапи како Анѓа. Сценографијата и костимографијата се на Јелена Стокуќа, а музиката на Ирена Поповиќ Драговиќ.