Медитеранот на удар на ново невремe, ќе ја заобиколи ли Македонија?!

1988
Фото: zoom.earth / screenshot

Силна облачност и систем со грмотевици од централниот дел на Медитеранот утрово се прошири кон подрачјето на Јадранското Море.

По Италија и Алпите, многу обилни врнежи над Јадранското Море стигнаа до Словенија и до бреговите на Хрватска и Црна Гора.

Во овие области денеска се очекуваат многу обилни врнежи од дожд.

Словенија, Далмација, Истра, Херцеговина, Црна Гора, Албанија и западна Грција ќе бидат погодени од невреме и многу обилни врнежи од дожд и грмежи.

Во Македонија пак, според метео прогнозерот Славчо Попоски од следната седмица би можеле да имаме нова и нагла промена на времето со врнежи, како и со голем пад на температурите (за повеќе од 10 степени во однос на оние кои ги имаме сега).

Попоски потенцира дека долгорочните анализи не се баш прецизни и промени се можни, но според сегашните согледувања на самиот крај од септември, односно од 29.9.2024 од север кон Балканот доаѓа нова тура на ладен бран и врнежи, па повторно може да се појави снегот на планинските места, а температурите нагло ќе се спуштат и повторно ќе бидат потпросечни.

Денеска и утре Македонија ќе се наоѓа во предниот дел на висинскиот циклонски систем кој ќе биде со центар некаде над Средоземјето. Во ваква ситуација кај нас ќе има нешто повеќе облачност, а локално се очекува  и појава на повремен дожд, а има услови и за појава на грмежи.

Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен и од југоисточен правец, и истиот особено Долж Повардарието повремено ќе засилува на интензитет.

И во Скопскиот регион времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а во делови од регионот ќе има услови за повремен дожд, а има услови и за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, и истиот повремено ќе засилува на интензитет.

Што се однесува до температурите, тие ќе се искачуваат во интервалот од 21 до 29 степени. Во Скопје температурата ќе се искачи до околу 28, 29 степени.