Европа ќе мора да изгради „нова безбедносна архитектура“ – порачуваат од Кремљ

317
EPA-EFE/YURI KOCHETKOV

Кремљ објави дека верува oти на Европа ѝ треба „нова безбедносна архитектура“ и во иднина ќе бара многу напор. Ова го одговори портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на новинарско прашање, коментирајќи ја изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека по војната во Украина треба да се преиспитаат односите на Европа со Русија.

„Очигледно, поради фактот што безбедносната архитектура на Европа брзо се менува, неопходно е да се изгради нова безбедносна архитектура за Европа, што ќе бара многу напор во иднина“, изјави Песков за новинарите, а пренесува РИА Новости.

Тој исто така рече дека секоја идна структура треба да ја гарантира руската безбедност преку цел систем на гаранции.

На денешното новинарско прашање за „Планот за победа“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски за ставање крај на војната со Русија, Песков рече дека Кремљ ќе го проучи доколку има официјални информации за планот.

„Сметаме дека извештаите во медиумите не треба да се анализираат. Доколку информациите за ова се појават во официјални извори, ние, се разбира, внимателно ќе ги испитаме. Има многу контрадикторни и неверодостојни информации по ова прашање. Затоа, ние сме многу внимателни околу тоа“, рече Песков.

Оваа недела, украинскиот претседател Зеленски треба да го претстави планот на американскиот претседател Џо Бајден и неговите двајца потенцијални наследници, Камала Харис и Доналд Трамп.

Зеленски патува за САД каде утре ќе одржи говор пред членовите на Генералното собрание на ОН. Планот, чии детали Зеленски досега не ги објави јавно, се чини дека е голем поттик за украинскиот претседател во неговите напори да го убеди Вашингтон и другите сојузници да обезбедат дополнителна и уште повеликодушна помош за неговата земја со цел да ја принуди Москва да се стави крај на конфликтот под услови прифатливи за Киев.

Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека за време на седумнеделниот напад на Украина врз западниот руски регион Курск, загинале најмалку 56 цивили, а 266 биле ранети.

Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи изјави дека Украина се придржува до меѓународното хуманитарно право и не ги таргетира цивилите како дел од упадот во регионот Курск.