Пет надворешни прочистувачи на воздух ќе се постават во парковите

158

Општина Кисела Вода ќе постави пет најсовремени надворешни прочистувачи на воздух во парковите. – Се надевам, дека ова повторно ќе биде пример за другите општини и Град Скопје, сè со цел да се подобри животната средина, чистиот воздух и здравјето на идните генерации, потенцира градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски

 

Општина Кисела Вода ќе постави пет најсовремени надворешни прочистувачи на воздух,  Filter Cube III уреди кои се со ненадминливи перформанси досега. Надворешните прочистувачи на воздух ќе бидат лоцирани во парковите.

– Со максимален проток на воздух на Filter од 16,625 м³/ч, обезбедуваат оптимално прочистување на воздухот. Ова се многу моќни и ефикасни уреди со тежина од 1.000 килограми и со димензии 94 x 94 сантиметри x 360 кои се долготрајни и мошне тивки, кои ќе бидат поставени во парковите и каде што има голема фреквенција на луѓе и ќе го прочистуваат воздухот – објаснуваат од Општина Кисела Вода.

Претходно, Општината постави и најсовремени внатрешни прочистувачи на воздух во ООУ „Невена Георгиева-Дуња” во сите училници, што го направи ова училиште првото на Балканот кое има заштита од вируси од ваков тип.

Надворешните прочистувачи се вредна донација од општествено одговорната компанија, со која Општина Кисела Вода склучи стратешко партнерство и започна заедничка кампања за имплементирање на најсовремени иновативни еколошки решенија.

– Се надевам, дека ова повторно ќе биде пример за другите општини и Град Скопје, сè со цел да се подобри животната средина, чистиот воздух и здравјето на идните генерации – потенцира градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.