– Целта на оваа влада и на секоја наредна е и мора да биде членство во ЕУ, не само поради тоа што како држава природно припаѓа таму, туку и затоа што нам ни се тие критериуми потребни за да имаме и подобар стандард и подобар живот. Исто така, факт е дека предолго чекаме пред портите на ЕУ и се чувствува оправдано резигнирање и разочараност на граѓаните, рече премиерот Христијан Мицкоски, на втората седница на Националниот совет за развој.

Тој истакна дека постои огромно разочарување од постапките и колективните политики изминатите повеќе од 30 години.

– Системот е деградиран и премногу пати во минатото злоупотребуван, додека администрацијата во државните институции демотивирана и силно деградирана преку лоши примери кои се прикажуваа како колективна приказна во која паѓа духот и заедничкиот мотив на нацијата. Она на што мораме да посветиме внимание и што претставува еден од најсериозните проблеми е корупцијата и борбата против криминалот. Предолго државата е соочена со распространета корупција која не е санкционирана, и на некој начин системот создава култура на корумпираност. Наследивме институции каде што е нормално да се нудат суми во четири очи, мито, и да се корумпираат службениците или барем да се направи обид за корупција на службениците – рече Мицкоски.

Тој истакна дека имаме потенцијал да станеме економски лидер во регионот со конкурентна економија, и систем на бескомпромисна борба против корупцијата

– Мораме да воспоставивме мерит-систем каде што точката за единствениот критериум по кој ќе се напредува се способностите, стекнато знаење и квалитетот на визијата кој се нуди. Мора оние кои учеле, вложиле труд и стекнале знаење да ја имаат својата шанса, затоа што квалитетното образование е клучот на напредокот. Мора да се постават цели кои ќе бидат храбри, но и коишто ќе се реализираат – рече Мицкоски.

За таа цел, рече премиерот, Владата ќе продолжи со реформи кои ќе ја подобрат бизнис климата и ќе овозможат нови инвестиции и работни места.

– Треба да се внимава да не се падне во замките на етничките теми и конфликти кои се само параванот на лукративните интереси на поединците кои градат кариери врз овие прашања, додека, за жал, народот се дели – потенцира Мицкоски.