По завршувањето на манифестацијата „Штипска пастрмалијада“, која се одржа викендов во Штип, во наредниот период ќе продолжат активностите за уредување на шеталиштето „Ванчо Прќе”, до негово целосно комплетирање, информираше на средба со новинарите градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
– За организирање на манифестацијата, оваа улица беше приспосебена за да служи како привремено шеталиште, но не е довршена. Во наредните денови ќе се работи на поставување на урбаната опрема, жардиниерите, садниците, сето она што го предвидува проектот. Ќе се преуредуваат павер елементите, а имајќи предвид дека сè уште се работи на улицата, очекувам во наредните денови и недели целосно да се заврши со она што е предвидено и, конечно, шеталиштето да го добие посакуваниот изглед – најави Јорданов.
По целосното уредување на шеталиштето, тој најави времен режим на движење, истакнувајќи дека во периодот од 6:00 до 10:00 часот ќе биде отворено и за моторни возила за да се овозможи непречено доставување до деловните објекти на улицата „Ванчо Прќе”.
Исто така, Јорданов најави дека во населбата Баби се работи на поврзување на ул. „Крушевска република“ со ул. „Јајце“.
– Со поставувањето павер елементи се уредува уште еден заборавен потег, кој се користи од жителите, со години – истакна тој.